Туристите кои со возила влегуваат во Македонија на граница се должни да покажат зелен картон за осигурување, а е задолжителен и за македонските граѓани. Албанија и Македонија остануваат двете земји од регионот, чии граѓани (особено во Македонија) издвојуваат значајни средства во зависност од кубикажата на возилото за зелен картон.
Туристичките агенции во регионот им укажуваат на своите клиенти дека зелениот картон е неопходен за транзит низ нашата држава, се’ додека не биде потпишан меѓудржавен договор со кој ќе се укине обврската за поседување на овој документ.
Македонија покрај Русија, Украина, Белорусија, Турција, Молдавија, Израел, Иран, Тунис, Мароко се десетте земји кои го немаат потпишано Мултилатералниот договор, кој стапи во сила во 2012 година. Со потпишувањето на овој договор, државите стануваат членки на т.н. Потсистем за регистарски таблички. Тоа е сојуз на 33 земји каде може да се влезе без зелен картон. Во овој систем се претежно земји од Европската Унија, но во него членуваат и Србија и Босна и Херцеговина.
Граѓаните на Македонија се’ уште ќе плаќаат скап зелен картон кај осигурителните компании, се’ додека државата не договори влез во Потсистемот за регистерски таблички.
Потсетуваме на цените:
Цената на зелен картон на патничко возило до 66 KW на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 KW за една година е 5.536 денари.
Цена за патничко возило до 66 KW за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 KW e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и автобусите е 17.222 денари.