На гостиварски угостител му било малку па со употреба на кокаин принудувал Русинка и Македонка да опслужуваат што повеќе клиенти – ММС
ММС

Објавено на: 06/28/22 2:02 PM

На гостиварски угостител му било малку па со употреба на кокаин принудувал Русинка и Македонка да опслужуваат што повеќе клиенти

Цели четири месеци угостител од гостиварско држел на сила две девојки, кои не само што ги принудувал на проституција, туку на едната и’ зел сите пари од сметка – вкупно 18.000 евра, а возилото го префрлил на девојката на синот.

Употребувајќи сила и закана за употреба на сила и применувајќи психолошко насилство, сега обвинетиот од јули до октомври лани, сексуално и трудово ги експлоатирал девојките. По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против едно лице кое според опишаните дејствија сторило кривично дело Трговија со луѓе, предвидено и казниво по член 418-а став 1 од Кривичниот законик. Девојките работеле во угостителскиот објект, едната на шанк и како келнерка, додека другата како танчерка.

Како што соопшти Обвинителството, угостителот искористувајќи ја состојбата на ранливост на дваесет и двегодишната Македонка  ѝ понудил заштита и времено засолнување од лице што наводно нудело пари за нејзино пронаоѓање, ја сместил во просториите на неговиот угостителски објект и ѝ понудил работа.

-По одредено време, обвинетиот побарал за неговата услуга за заштита, девојката да прави сѐ што ќе ѝ каже бидејќи сметал дека таа е „негова сопственост и со неа ќе прави што сака“. И покрај противењето на девојката, обвинетиот не само што лично сексуално ја злоупотребувал, туку ја присилувал и да дава сексуални услуги и на други лица од кои наплаќал од 50 – 100 евра. За да може подолго да работи, ја принудувал да користи кокаин. Девојката добивала по 1500 денари на две недели за извршувањето на работите во угостителскиот објект, кои обвинетиот веднаш ѝ ги земал. Воедно, тој насилно ѝ ја одзел и платежната картичка од која без нејзина согласност ја подигнал целата сума во износ од 18.000 евра, а исто така успеал противправно да ја пренесе сопственоста од ПМВ сопственост на девојката на неговиот син, кој по десетина дена истото го продал на трето лице, соопшти ЈОРМ.

Русинката, по претходна комуникација со познанички, пристигнала во Македонија кон крајот на август 2021 година.

-Иако според првичниот договор таа требала да биде танчарка, обвинетиот покрај танцувањето барал и дополнителни услуги од неа, односно да му дава сексуални услуги а потоа и на неговите пријатели и гости во објектот, за што наплаќал од 3000 – 8000 денари, а девојката не добивала ништо за возврат, пишува во соопштението на Обвинителството.

Голготата завршила кога девојката успеала да искористи погоден момент и го напуштила угостителскиот објект.

Обвинителството побара притвор за гостиварскиот угостител.

За кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот, согласно Кривичниот законик запретена е казна затвор во траење од најмалку четири години.​