Молдавија нема да добие членство во Европската Унија во наредните децении, но, ќе претрпи штета, доколку се придружи во санкциите против Русија, смета поранешниот претседател на земјата, Игор Додон.
„Нашите луѓе треба да сфатат дека нема да станеме дел од ЕУ барем за деценија или две, а можеби и никогаш, но, во наредните месеци ќе претрпиме штета поради неодговорната и агресивна политика на властите во земјата. Судејќи според нивните неодамнешни забелешки, одлучни се да се придружат во западните санкции против Русија“, напиша Додон на Телеграм.
Според него, лага е изјавата на молдавската Влада дека „како држава кандидат, Молдавија е обврзана да се придружи во санкциите против Русија“.
„Турција, членка на НАТО што пред неколку децении доби статус кандидат за членство во ЕУ, одби да ги поддржи санкциите на Западот против Русија, бидејќи се во спротивност со нејзините национални интереси“, тврди Додон.
Тој додава дека војната на Западот со Русија, „не е наша војна“.
МИА