Нема простор за ничија одговорност за неуспехот во Брисел, додека несподелувањето на работната верзија на францускиот предлог е со цел за да не влијаеме на процесот во Бугарија. Кога ќе добијат официјална, усогласен верзија, документот ќе биде споделен со владата и парламентарната комисија за надворешна комисија. Сумирано ова се одговорите на министерот Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ ден по Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој Македонија повторно остана без кандидатски статус. Прес конференцијата се одвиваше само 20-тина минути откако бугарското Народно собрание изгласа препорака до владата во оставка да го тргне ветото за Македонија. Секако, под неколку бугарски услови. Османи не сакаше да го коментира последниот развој на настаните.
-Се уште не знаеме која е финалната верзија која ја усвоило бугарското Народно собрание. Треба да ја видам па да дадам став. Но за нас се главни три точки: јазикот, да не бидат историските прашања дел од преговарачката рамка, и динамиката на уставните промени бидејќи не може да почнеме со уставни промени пред да ги почнеме преговорите со ЕУ. Доколку добиеме предлог во кој ќе бидат земени предвид нашите позиции, може да дојде и до договор во следните денови“, рече Османи.
Шефот на дипломатија, за кого коалициската партија, Демократски сојуз побара оставка и одговорност за неуспехот, упорно остана на ставот дека знаеле за неусогласена работна верзија на Француското претседателство, а по финалната верзија ќе се заземе став.
За одговорност нема простор.
-Што значи успех?! Не го квалификуваме како црно – бело. Ова е наша борба да станеме членка и при тоа да ги запазиме државните интереси и интересите на граѓаните. Не правиме компромис ни по едното ни по другото прашање, рече Османи.
Маричиќ рече дека не можеме да се откажеме од нашиот пат кон ЕУ, но ни од некои наши позиции.
-Во таа смисла тоа е наша одговорност е и тоа останува. Одговорност надвор од ова не гледам, рече Маричиќ.
Вицепремиерот очекува откако француското претседателство ќе ја види формалната верзија од Бугарија и нашата, конечната верзија ќе биде доставена до сите структури.
На прашањето за нашата реакција на употребата на изразот „северномакедонци“ од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, Османи рече дека станува збор за ненамерна погрешна формулација.
-Ние комунициравме со Француската амбасада, колку да ја почитуваме формата, иако вчера бевме во комуникација цел ден со неговата делегација (на Макрон, н.з.), премиерот Ковачевски беше со претседателот Макрон и нема никаква дилема дека е ненамерна погрешна формулација. Претседателот Макрон апсолутно нема дилема за идентитетот и по однос на прашањата кои се дефинирани во ОН, одговори Османи.
Во однос на тоа дали Албанија ќе бара раздвојување од Македонија во натамошниот пат кон ЕУ, Османи рече дека е тоа одлука на ЕУ е дали ќе дозволи Албанија сама да продолжи.