Со образложение дека им се прекршени основните права, четворица затвореници од КПД Затвор – Штип официјално соопштија дека почнуваат со штрајк со глад. Затворениците пијат само вода, не внесуваат храна. Вчера, кога почнал штрајкот, а и денеска, биле прегледани од лекар, потврди директорот на затворот, Мики Тодоров. На прашањето на какво прекршување затворениците се жалат, Тодоров вели дека не е познато.
-Во писмената информација до Управата на затворот не наведуваат кои права им се прекршени. Пишува само дека штрајкуваат поради тоа што им се прекршени правата. Потврдувам дека на ниту еден од нив не им е прекршено ниту едно право, изјави за ММС Тодоров.
Како што најавиле затворениците, преку нивните роднини, за штрајкот со глад ќе го информираат Народниот правобранител.
Затворската управа и службите ќе ја следат здравствената состојба на затворениците, кои засега штрајкот со глад го спроведуваат во своите простории.