Хемофилтрацијата се користи уште пред короната и не е скапа метода, туку е животоспасувачка, истакна Д-р Жан Митрев – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/22 12:17 PM

Хемофилтрацијата се користи уште пред короната и не е скапа метода, туку е животоспасувачка, истакна Д-р Жан Митрев

Хемофилтрацијата не се прави само на пациенти заболени од коронавирус, туку за различни проблеми и не е скапа метода. Скапа е во однос на потрошните материјали и средствата кои се употребуваат, но е животоспасувачка за многу пациенти. Ова го истакна кардиохирургот Д-р Жан Митрев во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Зборувајќи за актуелната пандемија, за процесот на лекување и за смртноста, одговарајќи зошто толку се користела хемофилтрацијата за која се верува дека е многу скап метод, Д-р Митрев вели дека неговата болница не работи како што него му текнало, туку по највисоки светски стандарди.

– Конкретно за коронавирусот, ние не ги сменивме цените за хемофилтрацијата што ги имавме од претходно. Месечно дотогаш имавме 5-10 пациенти и тие машини континуирано работеа за различни потреби. За време на короната, јас и јавно кажав, нема да бидат проблем пациентите кои се во стабилна состојба, туку за оние кои треба интензивна нега. Така и се случи. Короната релативно добро ја поминуваа 90 отсто од пациентите, но останатите беа во сериозна состојба. Кај нас доаѓаа тие 10 посто кои беа во најлоша состојба, а ние на тие пациенти имавме 20 отсто смртност, истакна Д-р Митрев.

За време на пандемијата со ковид тој вели дека тие како доктори се соочиле со бран на пациенти како што никогаш не виделе досега. Голем проблем биле и пациентите кои се третирале со антибиотици и кортикостероиди.

– Јас во целата моја кариера немам видено пациент со 30 сатурација кој се уште зборува и мрда. Ние одма правевме интубација и предлог за хемофилтрација. Јас за огромен број пациенти не знам како беа живи, а ги добивавме во таква ситуација. Се соочивме и со масовна употреба на антибиотици. Антибиотиците се контраиндикатори за вирусна инфекција, тоа го учевме и како студенти, не смее да се дава антибиотик се додека организмот не изолира патогена батерија која ќе предизвика инфекција. Од највисок спектар се употребуваа антибиотици и тоа унишува се во човечкиот организам, остануваат само најрезистентните бактерии. Кога вие со антибиотик ќе уништите се, го уништувате целиот имунитет и „букнува“ инфекција. Пациентите беа третирани и со кортикостероиди и сите тие имаа експлозија од резистентни бактерии, кои се мултирезистентни. Единствената шанса беше овие бактерии да се извадат од организмот, да се направи хемофилтрација, и тоа ако не направиле премногу штета на организмот дотогаш, вели Д-р Митрев.

Зборувајќи за цените и за тоа што се зборуваше за „воено профитерство“, Д-р Митрев вели дека цените за интензивно лекување се високи затоа што има реални трошоци. Кога ја правел болницата вели не очекувал дека ќе има корона, но ја направил да има услови за најтешко болни пациенти, што смета дека се покажало како добра стратегија.
Пред да се зборува за затвореност на болницата, тој вели треба да дојдат екипи и да видат како се лекуваат пациентите со коронавирус.

-Јас сум 22 години тука и ниедна официјална екипа, еве доктори и новинари, немаат дојдено да видат што се случува кај нас. Не знаат како ние ги лечиме пациентите од влез до излез, низ што се пациентот минува, какви се постапките, што се ние правиме. Еве отворено ги канам, од понеделник нека дојдат. Сега има нов директор на Фондот за здравство и нов министер, јас јавно кажувам дека фаќам врски да ме примат и во фондот и во министерството. Јас сум единствена приватна македонска болница која дава есенцијални услуги. Секоја чест на новинарите, но не може да кажат дека сум затворен ако не дошле кај нас. Ние ги спроведуваме сите највисоки стандарди во медицината, работиме по исти стандарди официјално со Стенфорд. Ниедна процедура јас не ја правам како што мене ми текнало, туку по протоколи, рече докторот.