Трет ден протест најавуваат жителите на селото Карбинци по откако тројца нивни соселани завршија во притвор откако на нивните ниви беа најдени растенија на марихуана. Осомничени се дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Предметот е во рацете на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, откако штипската полиција најде насад со марихуана, а изврши и претреси кај осомничените.
Жителите тврдат дека се работи за диви корења кои растат насекаде покрај реката и низ селото. Го повикаа министерот за внатрешни работи да дојде на терен.
-Која нива нема, нека каже! Да дојде тука стручно лице да утврди дека е дрога, рече еден од насобраните на вчерашниот протест.
Друг тврди дека направена е погрешна пресметка со тврдењето дека биле насадени 15 500 стебла на мал простор од 1300 м2.
-Ние од еден декар пченка вадиме 2-3 тони силажа, што е многу повисока од марихуаната, а на 1300 м2 има обвинение за 8 тони сирова марихуана, рече еден од насобраните.
Жителите велат дека ако навистина садат марихуана, тие не би се занимавале со земјоделие и одгледување крави.
-Ние тоа ако го продаваме ќе бидеме Американци во Карбинци. Нека не’ затворат цело село. Сумите што ги кажуваат… па ние тука нема да се занимаваме со земјоделие! Ќе станеме Мексико, ќе продаваме дрога! Ќе се занимаваме со производство и дистрибуција на дрога, велат жителите.
Од Јавното обвинителство на прашање на ММС одговорија дека вештак потврди дека пронајдените растенија се марихуана, односно Cannabis sativa.
-Законот предвидува посебна одредба во однос на запленети наркотични дроги, психотропни супстанции, прекурсори и други предмети чиј промет е забранет, а кои според Кривичниот законик задолжително се одземаат. Со оглед дека ваквите предмети (во конкретниот случај – над 15 500 стебла) се доказ во постапката, задолжително е да се определи вештачење за утврдување на видот и количината. Предметниот јавен обвинител нареди вештачење на одземените растенија од кое е потврдено дека станува збор за растението Cannabis sativa, соопштија од Обвинителството.
Во меѓувреме, се собираат и други предмети и докази, додека се испитува и теренот за проверка од други вакви насади.
Според соопштението на ЈОРМ тројцата осомничени , во периодот на месец март и април 2022 година заедно, како повеќе лица, неовластено набавиле семенски материјал од растението ,,Cannabis sativa” од непознати лица и го засадиле на нива во атарот на с.Карбинци, сопственост на првоосомничениот. Откако растението достигнало висина од 30-60 сантиметри, првоосомничениот на 9 јуни ги искосил растенијата и ги оставил на парцелата да се сушат.
Првоосомничениот со трактор го обработил насадот, по што пристигнале и останатите осомничени за да ја утврдат состојбата со сушењето на марихуаната што неовластено заради производство и продажба на наркотична дрога ја одгледувале. Во полициската акција координирана од страна на предметниот јавен обвинител, осомничените се лишени од слобода, а на парцелата се пронајдени вкупно 15.415 стебла. При претрес на дом и други простории, во двор од куќата кај второосомничениот се пронајдени неовластено посадени и одгледувани 37 стебла марихуана. Воедно, при акцијата се пронајдени уште 690 стебла за кои по прибирањето на доказен материјал и по утврдувањето на сторителот, ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.
На територија на Општина Карбинци има оранжерии на две различни компании, кои имаат лиценци за одгледување на канабис. Едната веќе неколку години е активна и одгледува марихуана, додека другата е во подготовки на пластениците.