Повеќето ќе плаќаме од најскапата струја ако не се променат границите на блок тарифите – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/22 12:45 PM

Повеќето ќе плаќаме од најскапата струја ако не се променат границите на блок тарифите

Надлежните предлагачи не престануваат да ја убедуваат македонската јавност дека воведувањето на блок тарифите за пресметка на потрошената струја, нема да значат нужно повисоки сметки. Дури некои граѓани, како што велат, ќе плаќаат помалку. Сепак, голем интерес на јавноста предизвикаа спротивните размислувања, со реакција дека најголемиот дел од граѓаните, со вака проектираните четири блок тарифи ќе влезат во последната група, која ќе добива сметки на ниво на помалите компании. Прв беше професорот Константин Димитров, а по него со отворено писмо до јавноста излезе и професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет на УКИМ.

Цицонков смета дека треба да се зголемат бројките на вклучени киловат часови потрошена енергија, бидејќи пресметките се правени без вклучување на грејни тела, што е највисоката ставка во сметките на едно просечно македонско семејство.

-Треба пореално и пофер тарифирање за граѓаните, бидејќи просечното семејство без апарат за греење троши во просек по 550 kW/h месечно. Со клима уред просекот е 750 kW/h. Климата и во лето не е луксуз, смета Цицонков.

Поради тоа, како што вели, блок тарифата треба да се коригира до 750, во спротивно сите ќе плаќаме од најскапата струја.

Според изготвениот предлог, за кој се разговара на јавни дебати, а кој допрва треба да биде усвоен, потрошената струја во најнискиот блок до 210 киловат часови во скапа тарифа месечно ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега. Оние во втората група, за потрошувачката меѓу 211 и 420 киловат часови, сметките ќе бидат слични на сегашните. Повисоки трошоци ќе имаат оние од третиот за потрошени од 421 до  630 киловат часови, а уште повисоки за најголемите трошаџии на струја, односно за нивото на 630 киловат часови скапа струја, за кои цената на струјата ќе биде слична на индустриската.

Професорот Константин Димитров од МАЦЕФ рече дека граѓаните кои немаат парно греење ќе бидат казнети, особено тие кои Владата ги субвенционираше за да купуваат инвертер клима, бидејќи тие ќе треба да плаќаат повисоки сметки за потрошената електрична енергија заради потребата од греење во дневниот период.

Димитров исто така кажа дека не треба единствен критериум да биде колку електрична енергија се троши на едно броило, туку треба да се земе во предвид и колку луѓе живеат во еден стан, зашто, како што кажа, нормално е повеќе луѓе да трошат повеќе енергија.