„Ако толку сакаш земи си ја дома“ – Митко Јанчев место Карлеуша го бара Ламбе за „Тиквешки гроздобер“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/22 12:31 PM

„Ако толку сакаш земи си ја дома“ – Митко Јанчев место Карлеуша го бара Ламбе за „Тиквешки гроздобер“

„Ако толку сакаш земи си ја дома“, ова е само еден коментар од мноштвото, кои кавадарчани деновиве ги упатија кон градоначалникот Митко Јанчев.

Причина за тоа е настапот на српската пејачка Јелена Карлеуша, која требаше да ги развесели кавадарчани на 11 септември, на главната вечер на „Тиквешки гроздобер“, кој се одржува по две години пандемиска пауза.

Градоначалникот на Кавадарци, Јанчев, вчера на својот Фејсбук профил објави дека го откажува настапот на Карлеуша поради притисок од граѓаните.

-По објавената музичка програма наидовме на голем број негативни коментари и негодувања за музичката ѕвезда Јелена Карлеуша која е предвидена за настап на 11 ти септември како главна музичка атракција за овогодинешниот гроздобер. Нам секогаш ни е најважно вашето мислење, драги кавадарчани. Па затоа настапот на оваа музичка ѕвезда е откажан, а во моментот се преговара со останати музички ѕвезди со кои можеме да го договориме дадениот датум, напиша Јанчев на Фејсбук

ММС го контактираше градоначалникот за да праша дали поради откажувањето на концертот треба да се платат пенали, колку заштедила градската каса, како реагирала Карлеуша, со оглед на нејзиниот долг јазик и кој ќе ја замени.

-Откако е објавен списокот на учесници има коментари од лугето кои не сакаат Карлеуша да настапи. Деновиве се изначитав разни коментари, па дури и „ако ти се допаѓа носи си ја дома“. Секако дека “Тиквешки гроздобер“ е манифестација за сите и јас сакам да го слушам гласот на народот. Затоа и концертот е откажан. Што рекла таа не знам, бидејќи контактот за договарање за настапот одеше преку агенција. Инаку, останатите уметници од списокот си остануваат, за нив нема проблем, вели Јанќов за ММС и додава:

-Деновиве сме во размислување кој пејач да дојде на нејзиниот место, бидејќи, сепак, концертот беше планиран за главната вечер. Можно е да е некој од балканот, а множно е и да настапи некој од Македонија. Можно е да биде Ламбе, Каролина и Калипои, размислуваме за нив. Но, засега ништо не се знае. Деновиве има време да се одлучи, па најверојатно во понеделник би се знаело, рече Јанчев за ММС.

Меѓу коментарите можеа да се прочитаат и суми од 60, 70, па и 100 илјади евра кои требало да ги земе Карлеуша за настапот. Но, градоначалникот на Кавадарци ги демантира овие суми.

-Настапот на Јелена Карлеуша доколку се случеше ќе чинеше 35 000 евра. Но, тоа беше само понуда, не е исплатен ниту денар, ниту, пак, е потпишан договор. Тие суми што се пишуваат на Социјалните мрежи не се точни. Ако беа толку големи немаше да настапи секако, ни рече Јанчев.

„Донесете го Ламбе од Битола да ја испее- запаличу пола зграда”,„ Пред неколку години на гроздоберот пееше Северина,никој збор не рече,сега за ЈК се крена цел град,која е разликата меѓу нив двете,или која е по гола,таа може да пее,а ако е полугола неможе“,„Поканете наши пејачи и така живееме на работ на сиромаштијата“, „Би било добро Ацо Пејовиќ, Дино Мерлин, Саша Ковачевиќ… Има предобри пејачи“, „ Пак ќе кажам, на овој народ не му се погодува“, се само дел од коментарите.

(В.М.)