БЕГ ќе работи додека не се најде нов снабдувач и покрај постапката за одземање на лиценците – ММС
ММС

Објавено на: 06/14/22 12:22 PM

БЕГ ќе работи додека не се најде нов снабдувач и покрај постапката за одземање на лиценците

Откако Регулаторната комисија за енергетика покрена постапка за одземање на лиценците на БЕГ, компанијата која снабдува дел од Скопје со топлинска енергија, остана отворено прашањето како понатаму ќе се решава снабдувањето. Одговорот денеска на прес конференција го даде претседателот на РЕК Марко Бислимовски. Според него, БЕГ останува во работа, додека не се избере нов снабдувач.

-РКЕ започна со постапката за одземање на лиценцата. По одземањето на лиценцата ќе ја информира владата, согласно Законот за енергетика. Владата е должна да распише тендер преку кој ќе се назначи вршител на соодветна енергетска дејност. До добивањето на лиценци на новиот вршител, постоечкиот е должен да ја врши дејноста. Така што, нема да има никаков прекин со снабдувањето на топлинска енергија, изјави Бислимовски.

Што се однесува до позајмицата на БЕГ од владата, Бислимовски смета дека е најдобро државата да влезе во овој бизнис и да си ја врши дејноста понатаму, а парите на таков начин да ги признае преку пресметката во цената на енергијата.

Овој нов момент со постапката за одземање на лиценците на БЕГ по се’ изгледа, нема да го промени ставот на Град Скопје, од кој што се очекуваше да го преземе снабдувањето со топлинска енергија. Ова може да се заклучи од изјавата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која проблемот го префрли на државата.

– Ние во Градот Скопје ќе ги разгледаме сите можности кои што се од интерес на граѓаните, меѓутоа, сметам дека е прашање во кое активно треба да се вклучи централната власт, затоа што ова е големо прашање и ги надминува буџетите кои ги има локалната самоуправа, изјави Арсовска.