Зголемен е бројот на пациенти кои побарале помош од убод од крлежи, симптомите се слични со настинка и грип – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/22 3:45 PM

Зголемен е бројот на пациенти кои побарале помош од убод од крлежи, симптомите се слични со настинка и грип

Зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош од убоди од крлежи и други инсекти во општата болница Куманово, информираа денеска од инфективното одделение.

Пациентите бараат помош од лекарите за интервенција по појава на различни симптоми. Во овој период поради бујната вегетација, наизменичните врнежливи и сончеви денови, зголемен е бројот на инсекти.

– Кај нас се јавуваат за интервенција пациенти кога ќе се јават симптоми кај нив. Тоа е појава на зголемена температура, болка во зглобови, мускули, главоболка, општа малаксаност, може да се јави и исип и тогаш бараат помош кај нас. Обично се јавуваат симптомите од една до три недели по убодот од крлеж, додека инсектите прават само  алергиска реакција, изјави, началникот на инфективното одделение од кумановската болница, д-р Сунчица Јосифова.

Таа укажува дека крлежот треба да се отстрани стручно, со лекарска помош, во рок од 24 часа, за да не дојде до сериозни компликации.

– Крлежот може да пренесе инфективна болест. Најчесто болести кои се јавуваат по убод од заразен  крлеж, а се лајмска болест, менингит и некои други, главно поминуваат со многу благи симптоми. Секогаш треба да се внимава при вадењето на крлежот, затоа што со предните нозе се впива во кожата прави убоди кои се непријатни и многу е потешко да се вади на сила и секогаш остануваат делчиња од самиот крлеж во кожата кои може да предизвикаат други несакани реакции. Ако крлежот сам не испадне не се извади безбедно, таквите пациенти завршуваат на хирургија, каде што со  мал рез, се вади крележот или она што останало од него, вели Јосифова.

Таа препорача, граѓаните да го користат убавото време, да уживаат во природата, но да носат лесна облека со ногавици и долги ракави, да носат светла облека за самите да се прегледаат, да носат повисоки обувки.

Во Куманово, во градските средини во неколку наврати веќе е спроведена дезинсекција против крлежи. Опфатени се јавно прометни површини, зелено-цветни, зеленилото на градскиот кеј, парковите, плоштадот.

МИА