Силно невреме во Неготинско со град и ветар целосно го уништи земјоделскиот род – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/22 2:42 PM

Силно невреме во Неготинско со град и ветар целосно го уништи земјоделскиот род

Вчера во попладневните часови Општина Неготино беше зафатена со невреме со обилни врнежи на град и ветер. Зафатени се неколку атари на земјоделско земјиште кое на некои места е 100% уништено. Најпогодени се земјоделските површини кај месноста викана Калдрма, потоа кај месностите викани Бучето, Скрката, Дубровско, како и Црно Поле.

-На лице место излегоа претставници на општината да ги увидат првичните штети, а од понеделник ќе се формира комисија за процена на штети која во наредните 10 дена ќе ги прима пријавите за штетата. Во градското подрачје од невремето паднати се неколку дрвја кои веднаш биле отстранети од страна на екипите на ЈКП Комуналец, а исто така во приватен имот е урнат и еден потпорен ѕид кој во текот на денот се санира, соопшти Центарот за управување со кризи.

– Почитувајќи ги законските одредби, ќе го направиме тоа што е во нашите надлежности. Ќе се излезе во увид на лице место, со цел да се утврди во кои месности има оштетувања и колкав е процентот на штетите, изјави градоначалникот Горан Стојанов.

Земјоделците пак велат дека оштетувања има кај повеќе земјоделски култури, а на некои места, штетите се стопроцентни.