По вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков јас не знам зошто воопшто преговараме. Трите негови барања се порадикални и од тие на Каракачанов. Ова е оценката на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој оцени дека декларација на Парламентот, која е првиот даден услов од Петков е ултра асимилаторската и хегемонистичка.
-Не знам кој нормален човек ова ќе го прифати. Дали има таков човек?! Дури и овие за кои мислиме што се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, дури ни ти не можат ова да го прифатат. Ова го гледам како обид на Петков да одржи каква таква коалицијата во Бугарија со ултра радикален национализам, рече Мицкоски.
За Петков рече дека се гледа дека човекот политички лута.
-Од либерал кој што ни се претставуваше, дека има отворени ставови, дека ја гледа европската перспектива, па сега до ултранационалистички барања. Нормално дека тоа нема да го прифатиме, одговори Мицкоски.
При тоа, образложи што очекува понатаму да се случи.
-Ние сме кажале – додека не видиме гаранција на маса со кои се поништува резолуцијата од ноември 2019 година, со кои што исто како што владата на Борисов во 2008 година бараше од владата на ВМРО ДПМНЕ тогаш да напише писмено дека нема отворени прашања, за што владата на Борисов се сложи. Исто како што при влегувањето на Македонија во НАТО кога владата на Борисов велеше дека нема отворени прашања, такво едно документче ќе треба да извадат за да имаме основа да дискутираме. Се’ до тогаш јас не ја гледам поентата на тие преговори, кажа Мицкоски.