Познатиот македонски режисер Милчо Манчевски видеото „Непотизам и економија“ снимено за меѓународната конференција „Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ“, испрати силна порака до политичките лидери и до граѓаните кои масовно го споделуваат видеото во кое тој зборува за одливот на мозоци од земјата и непотизмот кој го почувствувал на своја рака.
„Во 1978 бев првенец на генерација и сирак. Бев најдобар студент во мојата генерација. Моите родители починаа кога бев дете. Сакав да правам филмови но ги немав потребните врски за филмска кариера. Обично децата на етаблирани филмаџии и децата на политичари имаат шанса да учат во филмска школа или да бидат финансирани од државата“ – објаснува Манчевски за времето кога решил да замине во Америка за да учи во филмска школа.
Тој зборува дека во текот на неговата кариера и неколкукратното враќање во Македонија сите негови филмови добиле помалку пари од македонските влади отколку синовите на режисери, на шефови на полицијата и на поранешни портпароли на владата.
„Донесов знаење, финансии и желба да помогнам. Секогаш вработувам млади луѓе. Но повеќето луѓе го немаат луксузот ниту потребата да се вратат. Повеќето си заминуваат не само поради повисоките плати, туку и заради тротоари без паркирани автомобили, за чист воздух, фер и ефикасно судство. За место каде што не мораш да си нечиј син или ќерка за да имаш работа и пристоен живот. Што да се каже за загубите предизвикани од македонскиот одлив на мозоци во последните 30 години? Ако сакаме да зборуваме за просперитет и функционална економија, ајде да зборуваме за непотизам и корупција. Не само заради тоа што се морално погрешни, туку и затоа што штетат на секое општество, особено на сиромашното. Чинат пари, ресурси и не држат долу….“, порача Манчевски.
О.К.