(видео) Хрватска: Си го заборавиле бебето во колата, а го понеле кучето во количката – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/22 12:20 PM

(видео) Хрватска: Си го заборавиле бебето во колата, а го понеле кучето во количката

Пожарникари биле принудени да го скршат прозорот на заклучен автомобил паркиран на сонце, откако граѓанин пријавил дека во него има оставено бебе. Настанот е од вчера, кога околу 12.30 часот на паркинг во Умаг, случаен минувач забележал дете заклучено во автомобил VW Golf, со германска регистарска табличка.

Откако пожарникарите го извлекле бебето, повикана е Брза помош која го прегледала и утврдила дека за среќа не е повредено, пишува „24 сата“.

– Бебенцето беше заклучено во возило на сонце 45 минути. Веднаш штом добивме пријава од граѓанин, двајца наши вработени тргнаа да интервенираат за да го спасат тој мал живот. Гледајќи ја состојбата на детето, без двоумење го скршивме стаклото на автомобилот, го извлековме детето и се грижевме за него додека не дојде Брзата помош. За среќа, детето е добро, но превентивно е префрлено во Изола, за детална контрола – изјави командирот на пожарникарите од Умаг, Бојан Штоковац .

Според него, температурата во возилото била над 50 Целзиусови степени , а детето било испотено и видно вознемирено. Неофицијално се работи за бебе на околу 7 месеци .

– Бебето не е телефон за да го заборавиш во кола. Да беше уште десет минути во возилото немаше да заврши добро. По половина час или 45 минути во возило на сонце, температурата се искачува до 55 степени и може да заврши доста тешко. Откако го извадивме детето од автомобилот, се појавија родителите кои ја туркаа количката во која се наоѓаше и нивното милениче – куче, изјавија пожарникарите од Умаг .

Полициската управа на Истар ги предупредува граѓаните да не ги оставаат децата сами во возилата бидејќи последиците може да бидат смрт на дете или сериозно нарушено здравје.

Како што неофицијално дознава dnevnik.hr , Германците во полиција рекле дека си го заборавиле детето.

 

фото и видео: Пожарникари Умаг