Вчерашната пресуда на Кривичниот суд – Скопје за предметот „Талир 2“, со која се конфискува тнр. „Бела палата“ и триесетина партиски штабови, може да ги остави штипските вмро-вци без атрактивниот простор. Штабот е сместен во трговскиот центар на Дујле, и опфаќа поголем дел од најгорниот кат. Според новиот претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Штип, Душко Иванов, таму партијата има голема сала за состаноци како и неколку канцеларии. Просторот е сопственост на партијата ВМРО ДПМНЕ, не на огранокот.
-Немаме никакви информации за пресудата, освен тие од медиумите. Ниту дали конфискацијата веднаш стапува на сила или може да ја обжалиме, рече Иванов.
Тој образложи дека веќе една деценија се вселени во просторот, кој бил карабина кога го преземале. Трговскиот центар го градеше АДГ „Пелагонија“, која не го догради, а делови останаа карабина и до денеска.
Просторот правно се решаваше заедно со новите канцеларии на неколку ограноци на ВМРО ДПМНЕ во источниот дел на државата.