Се’ уште се бара финансиер за новата Клиничка болница во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/22 3:29 PM

Се’ уште се бара финансиер за новата Клиничка болница во Штип

По прекинот на финансирањето на изградбата на новата Клиничка болница во Штип од Банката на Советот на Европа, нов финансиер нема, додека состојбата во моментот се скенира. Во една реченица е одговорот на премерот Димитар Ковачевски, кој на прашањето на ММС објасни дека проблемот настанал откако изведувачот на работите отиде во стечај, а странскиот финансиер го повлече финансирањето.

-Ова оди на душа на претходната власт до 2016 година, со оглед на тоа дека сите тие процеси тогаш се случуваа. Во моментот Министерството за финансии заедно со Министерството за здравство работи на изнајдување на нов финансиер , кој откако ќе ја ја скенира ситуација ќе одлучи за финансирање и за продолжување понатаму на работите преку избор на изведувачи, кои ќе бидат способни тоа да го направат, одговори Ковачевски.

На нашата констатација оти тоа значи дека пари за продолжување не се најдени, Ковачевски дополни:

-Финансии секогаш има , меѓутоа, мора да се најде институција која врз основа на добро скенирање на состојбата којашто е до сега, ќе обезбеди проект, кој ќе може да биде реализиран не само да биде ветуван, рече Ковачевски.

Клиничката болница во Штип стои недоградена со забавени работи повеќе од една година. Подизведувачот, „Бетон – Штип“ отиде по стечај, по што се реорганизира и беше формирана нова фирма. Работите ги презеде фирмата добитник на тендерот – „Интракат“ од Грција. Оваа компанија повремено ангажира работници, меѓутоа работите се далеку од завршување. Неодамна во увид дојде од министерот за здравство Беким Сали, кој своите впечатоци и сознанија одлучи да не ги сподели со јавноста.

Клиничката болница во Штип започна да се гради во 2016 година и од тогаш постојано се пролонгира крајниот рок за завршување, за лани во октомври, Банката на Советот на Европа да објави дека го прекинува финансирањето. Како причина го наведе застојот на работите.

Тогашната влада објави дека ќе се бара нов финансиер. Потрагата, како што потврди премиерот, се’ уште трае.