Пронајдената облека и предметите го откриле потпалувачот на Културниот центар -Спасовски не потврдува дека Алабаковски го подметнал – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/22 1:31 PM

Пронајдената облека и предметите го откриле потпалувачот на Културниот центар -Спасовски не потврдува дека Алабаковски го подметнал

На директното новинарско прашање дали познатиот пејач Ламбе Алабаковски е приведениот за подметнување пожар во Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека „би одел како и претходно – со иницијали.

-Како што реков и претходно, се работи за 34- годинашно лице, со иницијали Л.А, одговори Спасовски.

Меѓутоа, министерот од Охрид денеска објасни дека при претресот е пронајдена облеката и другите предмети кои го доведуваат во врска со стореното кривично дело.

-Имаме неспорни докази, лицето е приведено  во станица  и во моментот очекуваме да биде изнесен пред надлежниот суд на претходна постапка. МВР бара одредување на мерка притвор, бидејќи се исполнети условите. Сепак би сакал да ја дочекаме одлуката на надлежниот суд, бидејќи тоа е одлука на судот, изјави Спасовски.

Тој објасни дека на ова претходеле претреси и опсежна истрага на СВР Битола.

-Од страна на СВР Битола се преземаа многу криминалистички активности, беа извршени многу службени разговори, се прегледаа многу материјали од видео надзорот, не само на објектот туку на повеќе други објекти и на овој начин практично се дојде до сторител на ова кривично дело. Доцна синоќа по наредба на надлежен суд, а по предлог на СВР Битола и надлежен обвинител е извршен претрес во објекти –  домот и други објекти кои ги користи или се сопственост на сторителот на кривичното дело, рече министерот Спасовски.

На бурните реакции во јавноста дека потпалувачот на Бугарскиот културен центар е експресно фатен, а имаме бројни случаи кои се влечат со години, како пожарот во Тетовската болница, автобуската несреќа и слично, министерот за внатрешни работи вели дека констатациите  не кореспондираат со реалноста.

-Во случаите со автобуската несреќа, со болницата, има не само осомничени, туку има и кривични пријави и судски постапки. Секој еден настан кој се случува, мора многу ефикасно се работи да бидат откриени сторителите. Најважно е при откривањето да имате докази кои ќе можат да го потврд случајот – некој порано некој подоцна, но е важно сите случаи да бидат расветлени – нема кривично дело што може да биде дозволено или оправдано од било кој аспект. Дури и да има оправдување, за тоа постојат одредби од Кривичниот законик. Важно е да имаме функционални институции и да работат на сето она што ќе го дознаат, да го утврдат, да го документираат и поднесат соодветна пријава, вели Спасовски.