Првообвинетата во периодот од 2018 до 2020 година, како одговорно лице – директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.
Воедно, не практикувајќи ги Анексот II од Водичот на Европската комисија и Планот за јавни набавки на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност за 2018 година во пет наврати постапила спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на парични средства сопственост на Буџетот на РСМ или средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име, не објавила оглас за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки од делокругот на тековното работење на Агенцијата, туку склучувајќи договори со четири правни лица им овозможила на истите да се стекнат со имотна корист.
Во исто време, првообвинетата постапила спротивно и на Уредбата за изменување на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство и спротивно на одредбите од подзаконските акти со кои е прецизирано работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности.
Второобвинетиот времено ангажиран како надворешен соработник, заедно и по претходен договор со првообвинетата, во временскиот период од почеток на 2019 година до месец април 2020 година употребувајќи факсимил што му го дала првообвинетата изготвил десет обрасци за „каса исплати” и прикажал невистинити податоци дека наведениот износ на парични средства претставува аванс за негово службено патување, без притоа да приложи соодветна документација пропишана во подзаконските акти. Врз основа на овие обрасци од страна на третообвинетата – благајник во Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност му биле исплатени парични средства во вкупен износ од 943.757,00 денари.
Третообвинетата, како службено лице, благајник во Националната агенцијаза европски и образовни програми и мобилност пропуштила должен надзор и несовесно постапила при вршење на своите овластувања и должности и со тоа за друг прибавила поголема имотна корист. Таа, обрасците со невистинита содржина ги примила од второобвинетиот, иако немале оригинален потпис на првообвинетата, ниту пропратна документација и спротивно на работните обврски на нејзиното работно место не изготвила благајнички дневник и касов извештај од благајната и на второобвинетиот му ги исплатила паричните средства за наводните службени патувања.
Со опишаните дејствија обвинетите предизвикале штета на други средства на државата – средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име во вкупен износ од 19.945.731,00 денари или околу 320.000 евра, при што првообвинетата сторила две кривични дела и тоа кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од Кривичен законик и кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница од член 249-а ст.2 в.в ст.1 в.в чл.22 од Кривичен законик; второобвинетиот сторил кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница од член 249-а ст.2 в.в ст.1 в.в чл.22 од Кривичен законик и третообвинетата сторила кривично дело Несовесно работење во службата од член 353-в ст.2 в.в ст.1 од Кривичен законик.
извор: ОЈО