„Во утринските часови на регионалниот пат Битола-Прилеп, на влезот во Прилеп, од страна на полициски службеници од сообраќајна полиција била дадена наредба за запирање на патничко возило „ауди А4″ со охридски регистарски ознаки, но возилото не сопрело, туку забрзало, оштетувајќи две службени возила на МВР и загрозувајќи ја безбедноста на полициските службеници кои извршувале службени дејства.
Набрзо, на излезот од Прилеп возилото било пронајдено, а А.Г.(23) од Охрид, кој го управувал возилото, бил лишен од слобода во моментот додека од возилото исфрлал четири торби покрај патот. Од извршениот увид, во присуство на Јавен обвинител од ОЈО Прилеп, во торбите покрај возилото биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, кои се подигнати и предадени на вештачење. Воедно, при претрес извршен со судска наредба во домот на А.Г. во Охрид, биле пронајдени 17 куршуми со различен калибар, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
Од страна на ОВР Прилеп во текот на денешниот ден против А.Г. ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела по чл.215 за „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, по чл.383 за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” и по чл.396 за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, сите според Кривичниот законик.