Гром удри во куќа во Муртино, поплавени подруми во Струмица, повторно невреме во Лозово – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/22 10:15 PM

Гром удри во куќа во Муртино, поплавени подруми во Струмица, повторно невреме во Лозово

Гром удри во куќа во селото Муртино во 20:50 часот по што се запалила покривната конструкција, која по интервенција на пожарникарите е изгасната. Нема ранети и повредени, информираа од ТППЕ Струмица, од каде интервенирале со едно против пожарно возило и пет пожарникари по силното невреме кое го зафати Струмичко вечерва во 19:30 часот.

– Примена е барање од село Муртино дека гром удрил во покривна конструкција на куќа по што се запалиле гредите, а по нашата интервенција огнот е изгаснат. Покрај тоа, досега имаме три интервенции на испумпување на вода од поплавени дворови и подруми, а други јавувања од граѓаните засега нема, изјави Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вечерва објави дека по второто невреме било зголемено нивото на вода за околу 25 сантиметри само на дел од улицата „Младинска”, која е една од пониските коти во градот.

– Не можеме денес да го решиме проблемот со нивелацијата, но најитно се заложувам со изработка на проект за реконструкција на улицата и трајно решавање на овој проблем. Дополнително ќе започнеме со дронско снимање на одводните канали за јавно да ги објавиме сите објекти кои се изградени врз одводните канали, а кои предизвикуваат потешкотии во одводнувањето при такви обилни врнежи од дожд, напиша Костадинов на својот фејсбук профил.

Пороен дожд и поплава вечерва околу 19 часот ги зафати населените места Милино и Ѓуземелци во општина Лозово и патот меѓу нив е непрооден поради кал и вода,  информираше за МИА Бошко Цветковски, градоначалник на Општина Лозово.

Општината подржана со механизација на ЈКП „Лозово” од Лозово вечерва интензивнo  работи на расчистување и оспособуување на овој патен правец помеѓу  селата Милино и Ѓуземелци.

Поради поројниот  дожд,  има оштетување и  неколку часа прекин на електричната енергија во  селото Ѓуземелци. 

-Повикани се екипи на ЕВН кои треба да го отстранат дефектот, за жителите од ова населено место повторно да добијат струја во своите домови, рече  Бошковски.

Ова е трето невреме во Лозово за само една недела. На 28 мај околу 23 часот   силно невреме  со зрна од град поголеми од орев  ги зафати населените места Лозово, Дурфулија и дел од Каратманово. Уништени беа лозовите и овошните насади ,пластениците под раноградинарски култири. Оштетени од градот и пробиени беа  и некои од азбестните покриви на куќите, оштетени  и голем број  автомобили и искршени стакла како и возниот парк на Општина Лозово.

Првото невреме  со силен ветер беше на 25 мај вечерта во 18 часот, во кое беа откорнати дрвја, покрив од куќа, магацини, имаше оштетување на електромрежата во селата Милино, Сарамзалино, Дурфулија и Аџиматово,к ои по неколку часа останаа без електрична енергија.

Советот на Општина Лозово вчера  формираше Комисија за утврдување на штетите, а локалната власт ги повика жителите кои претрпеле штета од невремето да пријават кај Комисијата, по што таа ќе излезе на терен за утврдување на штетата. 

МИА

фото: Фејсбук профил на градоначалник