Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Лозово изврши увид на состојбата и штетите предизвикани од невремето што викндов ја зафати земјата.
Тој оцени дека ако не се дејствуваше авионски, штети ќе имаше во повеќе региони.
-Заедно со земјоделците и директорот на УХМР, Ивица Тодоровски вршиме увид врз штетите кои ги предизвика невремето. За жал, најголеми штети се забележани во Лозово, кое со град и силен дожд е зафатено во текот на ноќта после 22:30 часот. Сепак, да не беа овие дејствувања од страна на авионите низ целата држава, ваквите штети како во Лозово ќе имаше на многу повеќе места, изјави Николовски и потенцираше дека благодарение на авионското засејување на облаците и дејството во текот на викендот на повеќе локации, спречена е штета со ефект на заштита од над 80 проценти.
Штетата во Лозово, истакна министерот, е последица на тоа што невремето се случило во доцните ноќни часови, а тоа е период во кој авионското дејство е невозможно од безбедносен аспект за пилотите.
Николовски ги повика општинските комисии веднаш да излезат на терен и да почнат со проценка на штетите, како и со подготовка на елаборатите, за навреме да бидат доставени до Владата и да бидат исплатени средствата за отштета.
Радарските центри Тополчани и Ѓуриште редовно ги следат градоносните облаци и врз основа на параметрите од радарската контрола, вчера и завчера беа активирани воздухопловите за авионско засејување на градоносните облаци. Дејствувано е со вкупно 396 палки од кои 257 во Пелагонискиот регион каде е дејствувано врз повеќе градоносни облаци а дејствувано е и во Преспанскиот, Охридско-Струшкиот, Полошкиот и Велешкиот регион.
-Со навремената реакција на УХМР спречена е појава на град на повеќе од 80 отсто од регионите зафатени со градоносни облаци, а со тоа се заштитени земјоделските посеви. Засејувањето на облаците со сребрен јодид е успешна метода со која градот се претвора во дожд. Дејствувањето на авионите нема за цел да спречи појава на дожд, кој е корисен за земјоделските површини, туку да делува на разбивање на градоносните облаци, наведува МЗШВ.
Ваквите штети предизвикани од климатските промени беа мотив за Министерството да почне да подготвува ново законско решение за осигурување во земјоделството, преку системот Земјоделски осигурителен пул. Овој систем има за цел да ги заштити земјоделците од неповолните климатски промени од една страна, а од друга – да го забрза процесот на обесштетување во случаи кога сепак ќе настане штета предизвикана од временски непогоди.