Ноќеска околу полноќ пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Миле Лефков се вклучи во живо од пленарната седница на Собранието, каде се слушна тензична атмосфера, кавги и повишени тонови. Лефков рече дека пратениците се заклучени по инструкции на претседателот Талат Џафери и никој од пратениците ниту може да влезе ниту да излезе.
-Кого заклучуваш, кај смееш да заклучуваш?! Ќе те пријавам на полиција“, се слушна координаторот Никола Мицевски како му се обраќа на Џафери.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека е тоа диктатура и го обвини Џафери за ускратување на нивните основни права, вклучувакќи го и правото на движење. Мицевски повторно побара оставка од Џафери.
Во Собранието вчера до доцна во ноќта се работеше по дневниот ред од 71 та седница, во чиј тек опозициските пратеници продолжија со активниот бојкот.
По 22 часот, во Собранието завладеа напната атмосфера откако претседателот Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала, за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници.
По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието, и бурно реагираа. Тој бараше од нив, да направат список на пријавени за збор по 15 точка – Дополнет предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Опозицијата реагираше и зошто Собранието продолжува со работа толку доцна.
Состојбата се смири откако службите ги пребројаа пратениците по што вратата на салата беше отклучена. Во салата беа присутни 38 пратеници.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери рече дека, согласно Деловникот, Собранието може да работи без кворум, но не може да одлучува.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара да се расправа по првата точка од дневниот ред, Годишен извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2021. Но, немаше услови за гласање по предлогот на Мицевски, поради недоволниот број на присутни во салата.
Состојбата ескалираше околу полноќ.
Денеска Собранието ќе заседава, но на дневен ред се пратенички прашања.