Методи Чепреганов предлог за државната награда „11 Октомври“ на Општина Штип и УГД – ММС
ММС

Објавено на: 05/24/22 9:36 AM

Методи Чепреганов предлог за државната награда „11 Октомври“ на Општина Штип и УГД

На последната седница на Советот на Општина Штип советниците одлучија доктор Методи Чепреганов да биде предложен за државната награда „11 Октомври“.  Познатиот специјалист по невропсихијатрија и епилептологија за највисоко државно признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес е заеднички предлог на Општината и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Доктор Методи Чепреганов е роден штипјанец, кој редовно го посетува својот роден град. Над 60 години практикува медицина, а останува активен и натаму. Неговите предавања и трибини, кои многу често се мешавина на медицина со популаристички пристап се масовно посетени.

Во стручното портфолио на д-р Методи Чепреганов се над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на Неврологијата и епилептологијата. Тој е член на Европска асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје и Невролошка асоцијација на Франција.