Се договорија да се договорат до крајот на неделата: МТСП и СОНК оптимисти за решение – ММС
ММС

Објавено на: 05/17/22 3:51 PM

Се договорија да се договорат до крајот на неделата: МТСП и СОНК оптимисти за решение

Претставниците на СОНК и на Министерството за труд и социјална политика се договорија дека ќе се договорат до крајот на неделата. По денешната средба, во изјава за медиумите тие посочија дека се приближуваат со ставовите и очекуваат до четврток или петок да се изнајде решение во однос на штрајкот во предучилишното образование.

„Имавме одлична средба, блиску сме до конечно решение. Денес разговаравме за повеќе понудени предлог-решенија и од страна на МТСП и од СОНК. Дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот меѓу МТСП и СОНК. Во текот на неделата продолжуваме со дијалогот и се надевам дека до крајот на неделата ќе имаме потпишана спогодба  и конечно решение во однос на одлуката за штрајк во предучилишното образование.  Се приближуваме кон ставовите и на двете страни, но ни треба дополнително време за да можеме предлозите кои беа дадени од СОНК и предлозите кои беа дадени од МТСП да ги усогласиме внатре во нашите институции. Верувам дека четврток или петок ќе имаме решение во интерес на двете страни, а во рамките на законот“, изјави министерката Јованка Тренчевска.

Првиот човек на СОНК Јаким Неделков, рече дека ако не се најде взаемно прифатливо решение, тоа ќе влијае врз евентуална одлука за прекин или продолжување на штрајкот.

„Во добар правец се движиме кон надминување на горливиот проблем за исплата на плати на сите оние кои беа во штрајк во детските градинки. Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало да биде камен на сопнување, има добра волја од двете страни“, додаде Неделков.

Тој потсети дека  преговорите со МОН веќе привршуваат, а утре истекува рокот за помирување.

„Она што ќе биде договорено во дејноста образование ќе важи и за детска заштита. Она што е договорено и со едниот и со другиот министер, дека и колективните договори ќе бидат подготвени и потпишани во соодветна рамка односно термин за кој сме блиску за утврдување. Во однос на МОН  сме под покровителство на помирувач. Рокот утре завршува и моето убедување е дека утре ќе завршиме. Денеска ќе имаме нова средба во МОН и треба да произлезе записник од помирувачот, за кој треба да се согласиме и да го усвоиме. Треба да постигнеме и спогодба којашто ќе ја потпишеме“, појасни Неделков.

Претходно денеска министерот за образование, Јетон Шаќири рече дека очекува денеска да заврши медијацијата со СОНК.

 

(В. Ми)

 

СОНК и Владата попладне на завршни преговори – Шакири очекува решение