Голготата која ланското лето ја доживеала младата Дона Неделковска на тетовската гинекологија, не остави никого рамнодушен, кога шест месеци по породувањето таа јавно сподели дека донесувајќи го на свет своето дете, доживеала некроза, а животот ѝ висел на конец.
Нејзиното сведоштво за лекувањето со чај додека повраќала фекалии и за малку ќе умрела од сепса ја разбранува домашната јавност, а тогашниот министер за здравство, Венко Филипче најави дека случајот ќе се истражува и ќе се прави надзор. Половина година подоцна, Неделковска не знае дали воопшто е почнат и до каде е ваквиот надзор кој треба да расветли што точно се случило и што предизвикало скапување на нејзината матка. Немајќи ги заклучоците од надзорот, таа вели дека случајот не може да дојде до суд.
„Јас сум охрабрена да ја барам правдата по судски пат, но процесот трае многу долго. И во случајот на родилката Јилдз од Струга беше потребно време од година-две за да се дојде до овој чекор сега. Јас уште го чекам стручниот надзор, којшто го најави уште претходниот министер во декември и уште нема никаков извештај од нив. Сега нема ништо од декември до сега. Приказната експлодираше, но официјални институции ме немаат контактирано, ниту од Министерство за здравство или Лекарска комора. Тогаш ме контактираа од Инспекторатот и самиот Филипче го кажа тоа, но ништо од тогаш наваму“, вели Дона за ММС.
Таа ангажираше и адвокат кој исто така има испратено барање за надзор, но како што нагласува, нема ниту позитивен ниту негативен одговор. Сведоштвото на Дона допре до многумина, па преку социјалните мрежи почнаа да се собираат донации за покривање на трошоците за адвокатот. Сепак, таа одлучила собраните средства да ги донира.
„На иницијатива на неколку девојки почнаа да се собираат донации. Сакаа да направат гест, но немаше потреба, дури и за понатаму јас можам трошоците сама да ги покријам. Се собра одредена сума и решив да ги донирам средствата и тоа беше транспарентно. Имаше неколку активни броеви за донација за некои деца за операции, за жени со канцер и плус беа потребни за операција на животни. Така ги распределив средствата на повеќе места. Парите ги дадов бидејќи не чувствував дека ми се потребни, ги дадов каде што требаше за да излезе барем едно нешто позитивно од целава моја голгота. Тоа ми беше најголемиот мотив, сакам да помагам на други“, ни сподели Дона за ММС.
Таа раскажува дека поради траумата што ја доживеала при породувањето, подоцна имало проблем да се поврзе со бебето, а физичкото закрепнување било потешко од психичкото.
„Десет месеци се поминати, сега сум добро, но имаше долг период на рехабилитација. Балансирав со многу помош од страна, рехабилитација имав со цел да си ги вратам килограмите, бидејќи многу килограми изгубив во болница. Имав хронични болки, вежбањето не е исто како порано, не можам да правам сѐ како претходно. А психички исто, потребни беа разговори со психолог бидејќи психичкиот момент беше потежок за надминување отколу физичкиот. Тоа остава траума, но имав проблем и да се поврзам со бебето. Тоа беше главниот момент поради кој побарав помош. Го изгубив првиот месец со него, не бев во контакт и тоа влијаеше на природниот процес на зближување, но сега сѐ е надминато“, истакнува Дона.
Кај неа се јавила и постпородила депресија, поради што неизбежна била помошта од семејството.
„Кога станува збор за улогата на семејството морам да ја споменам мајка ми, бидејќи таа физички се грижеше за него. Од секој аспект помагаше, за бебето, за мене, ми даваше позитива. Сите пробуваа да ми влијаат позитивно, но главната улога ја имав јас. Ако сам не се избориш, ништо од надвор нема да ти помогне. Бебето ми беше најголем мотив“, додава Дона.
Таа потенцира дека сега веќе нема потреба да прави контроли, но правела првите месеци и тоа во Скопје кај докторот кој ѝ го спасил животот. По обелоденувањето на нејзиното искуство, таа вели дека ја контактирале голем број жени со слично искуство
„Бројот на жени кои ме контактираа во порака што им се случило нешто слично пред мене и после мене ме изненади. Тоа е огромна бројка и е страшно, тие во мене гледаат утеха и тоа е тоа“, истакнува Дона.
Додека таа нема никакви информации за најавениот надзор, го прашавме Министерството за здравство дали е отпочнат надзорот кој беше најавен во декември 2021 година и кога може да се очекува негова завршница. Прашавме и кои се заклучоците од евентуалниот надзор, но оттаму одговорите изостанаа. Од МЗ кусо ни одговорија дека согласно 296 од Закон за здравствена заштита, Министерството до Лекарската комора иницира вршење стручни надзори, па барање за ваков надзор е поднесено и за посочениот случај.
Од Лекарската комора истакнуваат дека длабоко жалат за проблемите со кои се соочила родилката и дека ќе преземат сѐ што е во нивна надлежност за да се расветли случајот. Од Лекарската комора за ММС велат дека во март годинава од страна на МЗ добиле барање за вонреден стручен надзор и веќе е формирана комисија која постапува, односно која ја комплементира медицинската документација.
-Динамиката на работа на комисијата зависи од работниот ангажман на докторите на нивните работни места. Комисијата е составена согласно Правилникот за стручен надзор, докторите кои се нејзини членови се доброволно ангажирани во комисијата, а се редовно вработени во здравствени установи, каде пак поради здравствената криза имаат значително поголем ангажмани – се вели во одговорот од Лекарската комора од каде појаснуваат дека по завршување на стручниот надзор изготвениот извештај за надзорот се доставува до министерот за здравство за понатамошно постапување.
– Истакнуваме и дека стручниот надзор само ја констарира состојбата која ќе се затекне во болницата поврзана со случајот и не преставува судско вештачење кое може да даде подетално објаснување за одредени состојби – појаснуваат од ЛК.
Од гинеколошко-акушерското одделение при Клиничката болница – Тетово претходно се оградија и за ММС изјавија дека сведоштвото е видување на нештата од страна на родилката.
Вања Мицевска