Мицкоски навести протести, интерпелацијата на Џафери смета нема да успее – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/22 12:04 PM

Мицкоски навести протести, интерпелацијата на Џафери смета нема да успее

Христијан Мицкоски потврди дека ќе повикаат на протести, но одби да одговори кое се следните чекори на ВМРО ДПМНЕ, за кои вечер ќе решава Извршниот комитет на партијата.

-Го повикувам народот веќе еден месец и се подготвуваме за тоа за да нема провокации, за да нема контаминирање. Почекајте, вечер има Извршен комитет, имаме план, одиме чекор по чекор, одговори Мицкоски.

Прашан за тоа дали подготвуваат интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери по снимката во која се слуша како наводно пцуе по вработените, Мицкоски рече дека постапката нема да успее.

-Објективно да зборуваме, нема да успее бидејќи Ковачевски ако да го нападне Џафери, ќе му падне владата. Вчера го гледаме на еден стадион како навива седнат меѓу Ахмети и Груби. Ковачевски е заробен. И ние сега ќе правиме интерпелација единствено да гледаме како СДСМ се препелка да го одбрани Џафери, кого го слушавме како им ги пцуе мајките на вработените. Тоа се вредностите? Ја повикувам меѓународната заедница да каже дали стојат зад овие вредности. Извинете , јас такви вредности не прифаќам, одговори Мицкоски, според кој, Џафери го прекршил Етичкиот кодекс на Собранието и за тоа треба да одговара.