Министерот за надворешни работи, Пека Хависто, се обрати пред европратениците утрово, додека неговата влада ја соопштуваше и официјално одлуката за апликација за полноправно членство во НАТО, јави дописничката на МИА од Брисел.
Хависто објасни дека инвазијата на Украина од страна на Русија трајно го измени безбедносниот пејзаж во Европа и во Финска, тој наброја низа причини поради кои Финска го промени курсот на својата надворешна и безбедносна политика и одлучи да ѝ се приклучи на Северноатлантската алијанса.
Непредвидливото однесување на Русија, употреба на неконвенционално и забрането оружје како нуклеарното и хемиското, непочитувањето на европската безбедносна архитектура од страна на Русија и нејзината подготвеност да врши силен притисок врз нејзините соседи преку испраќање на трупи на границите, се некои од клучните причини зашто Финска смета дека треба да им се придружи на евроатлантските партнери, рече шефот на финската дипломатија.
-Финска одлучи да аплицира, тоа ќе помогне да се стабилизира балтичкиот регион, Финска придонесува за регионалната стабилност, ќе го зајакне НАТО, таа е демократски силно докажана според критериумите на НАТ, има кредибилна одбрана која е интероперабилна со НАТО и ќе биде додадена вредност за НАТО, рече Хависто.
Тој истакна дека од агресијата врз Украина поддршката на јавноста за членство во НАТО е зголемена на 70 отсто во Финска, со што владата има силна народна поддршка за овој потег.
Министерот за надворешни работи на Финска нагласи дека треба да се продолжи да се испраќа помош во Украина, како хуманитарна и финансиска така и воена. Неговата земја, рече тој, веќе прими 20 илјади украински бегалци и подготвена е да прими десетици илјади повеќе.
МИА