Сексуалното образование е сеопфатен процес и треба да е прилагодено согласно возраста на младите, вели за ММС, професор д-р Глигор Тофоски, гинеколог-акушер од Клиниката за гинекологија во Скопје.
Сексуалната едукација е во фокусот на најновата кампања на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари, кои на чело со Тофоски преку кампања со видеа ќе овозможат информации за јавноста кога е во прашање природниот и здрав сексуален развој на младите. Ова е и тема на разговорот со д-р Тофоски кој зборува за ризиците од незаштитените сексуални односи, важноста на вистинските информации, ХПВ вакцината и поврзаноста на сексуалната едукација со дигитализацијата.
Што претставува сексуалната едукација и кога треба таа да почне? Кои се базичните работи на кои треба да се учат младите кога е оваа тема во прашање?
-Сексуалното образование е сеопфатен процес и треба да е прилагодено согласно возраста на младите. Најчесто по препораките на СЗО, може да се почне од предучилишна возраст каде што се учат основните работи за сексуално и репродуктивно здравје, полот, функционирањето на организмот, за различните пристапи кон здравјето и кон биолошките разлики.
Понатака во основно и во средно училиште работите се учат на повисоко ниво во смисла на тоа какви се односите меѓу луѓето, што подразбира сексуален живот, што се подразбира под однос кон сопственото здравје. Кај девојчињата тоа почнува со менструален циклус па продолжува со менструална хигиена, па со начинот како да се зачува здравјето, да се спречат инфекциите коишто кај нив понатаму може да доведат до други компликации, а и кај машките исто. Значи, образование во однос на рамноправноста на половите, на начините на сексуален однос, заштита од сексуално преносливи болести, начини на заштита од несакана бременост и така натаму. Идеално е тој процес да се одвива во училиштата, но треба да има соодветна програма и треба да има луѓе – врсници, учители, професионалци, кои ќе можат тоа знаење да го пренесат структурирано.
И во сексуалното образование има начини како тоа да се пренесе, со игра, со интеракција, со симулирање на случаи, најразлични начини во кои младите може да дискутираат и да прашуваат за одредени појави кои се од значење за нив. За некои од тие интересни работи за нив, или животни прашања, се разговара во група, а за некои може да им се предочи дека може да се разговара и индивидуално. Најдобро би било тие разговори да се извршат со специјалист-гинеколог, меѓутоа зависно од потребата може да се вклучат и психолози и психијатри и друг тип на здравствени работници и соработници.
Со оглед на тоа дека денес интернетот се користи уште од детска возраст, како сексуалната едукација е поврзана со дигитализацијата?
-Сега светот е едно глобално село и со помош на дигиталните технологии, сѐ ни е достапно. Дури некои работи на децата им се достапни во период во којшто не можат вистински да ги разберат, односно не можат да ја разберат суштината на сексуалниот живот кој понатака како нормални индивидуи треба да го користат и да го уживаат. Ако порано информациите се добивале оскудно, односно од блиските, од другарчињата, од некои книги или весници, сега се достапни многу лесно. Меѓутоа многу е тешко да се провери која од овие информации е лажна, која претставува предрасуда, а не е медицина базирана на докази. Тука е многу тешко да разграничат самите деца, меѓутоа како и за сѐ друго, веројатно суштината би била да се обратат на медиуми каде што ќе може да добијат релевантни и проверени информации.
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари (МАГО) отпочна, а и во наредниот период ќе објавува информации коишто ќе можат и младите, но и нивните родители да ги прочитаат и да знаат дека се проверени. Тие информации може да бидат за времето кога треба да се јават на гинеколог, типот на прегледи што треба да се прават, кои се симптомите на сексуално пренослива инфекција, кои се начините на кои треба да се заштитат при сексуален однос. Тоа се информациите кои треба да се пренесат до децата, значи до младите уште пред да почнат со сексуален однос. Пред неколку дена ги објавивме на нашата веб страна www.agom.org.mk анимираните видеа преземени од невладиното американско здружение AMAZE- advocates for youth, кои се осврнуваат на некои интересни аспекти во животот на младите и потребата да се информираат на начин близок на нивната комуникација, поврзани со отпочнување на сексуални односи, заштита од сексуално преносливи болести, ХПВ вирусот и слично, а кои се надсинхронизирани на македонски и албански јазик. И понатаму ќе продолжиме со барање на начини за објавување на информации кои ќе побудат интерес кај младите, така и кај нивните родители.
Од друга страна, во комуникацијата кај младите го има таканаречениот sexting при кој се праќаат пораки или фотографии кои не се соодветни и имаат во себе сексуална содржина, а кои понатака може да бидат споделувани со луѓе на кои вие воопшто не сакате да им бидат достапни. Во Македонија имавме такви случаи со „Јавна соба“ каде што фотографиите и информациите кои се од приватен карактер заради вакво споделување несоодветно доаѓаат во некакви општи групи и понатаму се извор на непријатност за оние коишто ги пратиле.
Апсолутно не би требало да се праќаат такви содржини на луѓе коишто не ги познавате, со коишто сте малку во врска. Не значи дека ова е целосно забрането и не смее да се прави, но треба да се има предвид дека во денешно време некој може и да ги украде податоците од вашиот компјутер или телефон и да ги злоупотреби. Децата треба да се многу внимателни затоа што после осудата од социјалната средина во која живеат, реакцијата може да биде многу остра и неповолна, а понатаму да ги истрауматизираат во односите со партнерот во животот.
-Го споменавте отпочнувањето со сексуални односи, па што треба младите да знаат пред да се впуштат во вакво нешто, кога е „вистинското“ време?
За да знаат во што се впуштаат треба да знаат што претставува сексуалниот однос. Сите имаме инстинкти и во суштината на репродукцијата постои сексуалниот однос заради продолжување на видот. Во човечкиот живот тоа не претставува само начин за репродукција, туку и извор на задоволство. Ако добро се едуцираат младите во некоја психофизичка зрелост, а кај нас е востановено дека тоа е на 18 години, и доколку најдат партнер со којшто сакаат да го споделат тоа искуство, може да отпочнат со сексуални односи. Би требало тие претходно да се добро информирани, да имаат отворен однос кон сексот и соодветно да употребуваат заштита и од сексуално преносливи инфекции и од несакана бременост.
Целта на еден млад живот е секогаш да се реализира до максимум, вклучувајќи ги сите полиња – образование, кариера, семејство, амбиции… Да не се случи нивниот потенцијал да се наруши и бидат жртви на несаканата инфекција или бременост. Достапноста на методите за прекин на бременоста треба да е овозможена и легална заради заштита на нивното здравје, но подобро е да се спречи тоа со употребата на методи за контрацепција.
Она што е важно е да се разбере дека првиот пат би требало да биде со некој со којшто се сака, некој со којшто тоа ќе ви биде пријатно искуство и да се зголеми взаемната доверба. Не треба да се брза само поради години или други причини, треба да биде со согласност на двајцата партнери.
Кога е во прашање бременоста кај малолетничките, што покажува Вашето искуство – дали е алармантна оваа појава во Македонија?
-Мислам дека бројките генерално се намалуваат, но повторно е опфатена голема бројка. Во изминатите периоди имаше и по стотина малолетнички кои се породуваа. Малолетничката бременост којашто е несакана може да се заврши со породување, може и со прекин на бременоста. И двете работи се несоодветни бидејќи организмот треба да е приспособен согласно годините и зрелоста на човекот како индивидуа. Најдобро би било да се употребуваат контрацептивни средства и да не се доведе до тоа да имаме малолетничка бременост. Таа носи и ризици сама по себе со растење на плодот во утробата, бидејќи во тој случај дете носи дете. На оваа проблематика треба уште повеќе да се работи, не треба да се задоволиме со тоа што бројките се намалуваат.
Младите повеќе читаат, а понекогаш употребуваат и итна контрацепција, но најважно од сѐ е кога ќе се посомневаат дека има шанси да се бремени, навреме да се јават на лекар, на гинеколог кој ќе констатира дали постои бременост и кои се можните опции понатака.
Веќе од 12-годишна возраст, младите може да се имунизираат со ХПВ вакцината, па каква е нејзината улога во спречувањето на ширењето на инфекцијата со ХПВ вирусот?
-Ваквото вакцинирање е најдобриот начин да се спречи преносот на инфекцијата. Вакцината очигледно, како што се покажа низ годините, е ефикасна во спречување на ХПВ инфекцијата. Генерално таа одлука е на родителите и затоа треба да се работи со родителите и да добијат соодветни информации од личност на која ѝ веруваат. Тоа може да биде матичниот лекар, матичниот гинеколог или професионалните здруженија коишто ќе објаснат дека вакцината не штити сто проценти од пренос ХПВ инфекција, но го намалуваат преносот и даваат заштита од 72 до 92 проценти. На тој начин ќе се спречи ширењето на ХПВ инфекцијата, која пак е прекурсор за појава на карцином на грлото на матката. Но, сепак основно е дека младите треба да се научат да се штитат од сексуално преносливи инфекции со употреба на презерватив и да имаат безбедно сексуално однесување.
Треба уште да се работи на ова прашање, да се овозможат правилни информации и со медицински докази да се одговори на негативните дебати за сите вакцини, не само за ХПВ вакцината.
Кои се најголемите митови и заблуди за сексуалната едукација, кои се стигмите на родителите кај кои сѐ уште делумно има отпор кон оваа тема?
-Кога се разговара првпат за некоја тема чија суштина е чувствителна, луѓето не така лесно разговараат. Оваа тема е интимна и секој има право да одбере каде, како, со кого и зошто ќе разговара. Меѓутоа подобро е секогаш сите работи кои ќе се изнесат на виделина да се разрешат за општо добро. Идеално би било кога сите родители би разговарале со своите деца на одредена возраст, меѓутоа и родителите и децата имаат понекогаш отпор кон овие разговори. Односот треба да се изгради и да се разбере дека на некој начин тоа треба да биде отворена комуникација, но секако претходно да се имаат знаења поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје. Повторно доаѓаме до тоа дека кога сакаме да го отвориме процесот на сексуално образование во училиштата прво треба да работиме со родителите и учителите, а тие да можат правилно стекнатото знаење да го пренесат на децата. На овој начин стигмите и табуата кај родителите и учителите ќе ги оттргнеме за да може на децата правилно да им ги предадеме информациите битни за нивниот сексуален развој.
Вања Мицевска