Во ковид центрите работеа за 12.000 денари, а потоа ги исфрлија на улица – Здружението „За нас“ бара нов закон за регулација на работата на медицинските сестри – ММС
ММС

Објавено на: 05/9/22 11:48 AM

Во ковид центрите работеа за 12.000 денари, а потоа ги исфрлија на улица – Здружението „За нас“ бара нов закон за регулација на работата на медицинските сестри

Политичката реторика да се тргне од професионализмот на медицинските сестри, побараа денеска од Здружението „За нас“.

Од ова Здружение во кое членуваат медицински сестри, техничари и акушерки апелираат дека не може поставувањето на сестрите во болниците да биде врз основа на политичката реторика и бараат да се донесе закон за сестринство со кој професијата сериозно би се регулирала. Во спротивно, предупредуваат дека ќе се случи уште поголем одлив на медицински сестри.

„Сестрите треба да умеете да ги менаџирате и водите. Не постои фела која нема сопствен закон, ние сега станавме дел од Балканската асоцијација на сестри, сите од регионот се регулирани, ние не знаеме од каде да почнеме, а тоа е модерното сестринство. Сакаме да се доближиме до современото сестринство“, изјави денеска претседателката на Здружението, Гордана Бешлиовска на прес конференција пред Министерството за здравство.

Таа посочи дека ќе се случи уште поголем одлив на медицински сестри и дека ќе се соочиме со дефицит.

„Пандемијата не заврши, затоа апелирам на континуирани конкурси, сестрите да не постојат во болниците по основ на договор на дело“, изјави Бешлиовска.

Таа посочи дека на медицинските сестри кои работеле со ваков договор во ковид центрите кои сега се затворени, им биле исплаќани по 12.000 денари месечно, а при тоа биле без осигурување.

„Во одредени ковид центри голем број од сестрите ги исфрлија на улица кога заврши договорот на дело. Зборуваме за дефицит“, алармираше Бешлиовска.

Медицинските сестри реагираат дека нивната професија во земјава е регулирана со времени закони кои не ги решаваат проблемите на долг рок. Здружението веќе ги има и „контурите“ на новото законско решение и бара нивни претставници да бидат вклучени во работните групи кои би работеле на неговото донесување.

„Таквиот закон треба да ги одреди нашите компетенции, права, образование и должности, но и да ги одреди нашите прекршочни одредби. Треба комплетно да нѐ отслика во болниците и ние да одговараме за одредени работи.. Сѐ за доброто на пациентите“, рече Бешлиовска.

Унифициран договор за сестрите во концесионерските амбуланти

Здружението бара и еден унифициран договор за сестрите во концесионерските амбуланти, за да си ги знаат своите права. Оттаму порачуваат дека треба да се инвестира и во образованието, односно сестрите да бидат вклучени во дел од предметите на средношколците во медицинските училишта.

„Да инвестираме во образовниот процес во однос на стручноста на програмите, треба да ги надминеме сите моменти кои дополнително го нарушуваат достоинството, а тоа е вонредното школување на медицинските сестри, кое е уставно право и треба на секој поединец да му биде овозможено. Треба да се променат програмите, да имаме посериозен пристап кон програмите во коишто ќе се едуцираат попрофесионални кадри и не би се нарушувало достоинството на професијата“, додаде Бешлиовска.

Таа побара да се тргне времениот закон за сестрите да не се пензионираат во време на пандемијата.

„Голем број сестри си дадоа отказ бидејќи не можеа да издржат да работат со над 40 години искуство и не заслужуваме  да ја завршуваме професионалната кариера со откази. Имаме барање за бенифициран стаж и за доближување на границата меѓу сестрата со средно и со високо образование. Нашето достоинство нема да го надополниме само ако ги поместиме коефициентите, ние бараме подобрување на безбедносните услови, на условите за работа, меѓутоа и почит. Секој успех е и на сестрите, но без закон не можеме тоа да го постигнеме“, додаде претседателката на „За нас.

Таа истакна дека со пандемијата се зголемиле и професионалните заболувања, а дел од сестрите кои се разболеле за времена кризата се уште не можат да се вратат на работните места.

„Изгубивме шест медицински сестри во време на ковид кризата. Починаа на работните места заразувајќи се за време на работата. Професионално го дадоа животот, ние ќе ги славиме нив со голема почит, бидејќи тие го дадоа животот.  Не е само да нѐ бројат, ние не сме бројки. Имаме преточување на сестрите од јавното во приватното здравство, меѓутоа тука се. Некои ротираат па ќе се вратат, но мора да имаме континуирани конкурси. Порано веднаш се правеше дополнување, сега не се води статистика. На сестрите им фали црвен телефон каде што треба да се пријавуваат заразните и професионалните заболувања на работните места“, додаде Бешлиовска.

Барањата кои таа ги истакна на денешната прес конференција, ќе му ги предочи и на министерот за здравство Беким Сали во рамките на Неделата на сестринство. В четврток пак, на Светскиот ден на медицинските сестри, Здружението ќе го организира централниот настан под слоганот „Наше време“.

 

(В. Ми)