Американскиот претседател Џо Бајден назначи нова портпаролка на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, првата Афроамериканка и прокламирана лезбејка на таа функција, истакнувајќи го нејзиното досегашно искуство, талент и искреност.
Карин Жан-Пјер беше заменичка на портпаролката Џен Псаки и ќе ја преземе функцијата на 13 мај, соопшти Белата куќа.
– Таа ќе биде првата црномуреста, прокламирана ЛГБТК+ личност на оваа позиција. Таа ќе им го даде својот глас на многу луѓе и ќе им овозможи на многумина да сонуваат големи соништа, напиша Псаки на Твитер, најавувајќи од самиот почеток дека ќе се повлече за време на мандатот.
Псаки од Белата куќа заминува на телевизискиот канал MSNBC, јавуваат американските медиуми.
Карин Жан-Пјер (44) е родена во Мартиник. Нејзините родители, по потекло од Хаити, емигрирале во САД. Таа пораснала во Њујорк, каде што нејзиниот татко работел како таксист, а нејзината мајка се грижела за домаќинството. Таа живее со новинарка на Си Ен Ен и имаат една ќерка.
Жан-Пјер дипломирала на престижниот Универзитет Колумбија, а потоа влезе во политиката, често истакнувајќи дека животниот пат на нејзиното семејство, пример за „американскиот сон”, ја одредил нејзината кариера.
Таа работеше и во кампањите на Барак Обама, а потоа и во кампањата на Џо Бајден.
МИА