Зборувајќи во „Стадион“ за најавата на премиерот Димитар Ковачевски за отворање на културен центар во Благоевград, Бугарија, Ѓорѓи Трендафилов од партијата ГДУ препорача прво тоа да го направи на територија на Македонија, па потоа во Бугарија. Трендафилов, при тоа, потсети на манифестацијата во Општина Липково на 2 мај, на која ќе биде промовиран дваесет метарски споменик на УЧК.
-Малку конфузна изјава на Ковачевски, бидејќи Република Македонија има културен центар во Софија, исто како што Бугарија има културен центар во Скопје. Веројатно не е до крај уверен во тоа дека КЦ во Битола е иницијатива на неколку локални луѓе од Битола, за кој поддршката доаѓа преку политичката манифестација што ја видовме со претставници од позицијата и опозиција и веројатно можеби извлече заклучок дека во Благоевград ќе отворат таков центар на територија на Бугарија. Макар што може да почнат на територијата на Македонија, уште на 2 мај, за кога има закажано одредена манифестација во Слупчане. Можеби треба да размисли за отворање на таков клуб на територијата на Македонија, рече Трендафилов во „Стадион“.
Прашан за толкување и разбирањето на делото на Ванчо Михајлов, кој деновиве ги бранува духовите во државата, Трендафилов вели дека во принцип неговото име во Бугарија во голема мера се респектира.
-Во земјава има два става – едниот е за борбата на ВМРО со колонијалните југословенски власти по формирањето на Кралството СХС. Второто, за кој нема многу податоци за периодот кога згаснува ВМРО и неговото прогонство од Бугарија, така што од 1935- 1945 година Михајлов го поминува во егзил, не располага со никаква организација, нема активности никаде, расформирана е организацијата, тој е човек без воена моќ, без инфраструктура и живее од помош и поддршка на други, така што тешко да го носи тој ореол на злото како што е претставен кај нас во тој период од 1941-1945 година, смета Трендафилов.
Во однос на прогнозите да се направи привремено поместување со укинување на бугарското вето и влегување на Бугарите, Египќаните, Хрватите во Уставот, Ѓорѓи Трендафилов вели дека шансите односите да продолжат по старо се многу поверојатни, отколку да се случи сериозна промена.