Во Пекинг денеска се затворени дополнителен број продавници и објекти поради ширењето на ковид-19, станбените блокови се под строги мерки за изолација, а властите се обидуваат да откријат што е можно повеќе контакти на заразените, додека во Шангај, каде веќе еден месец се во сила строги рестриктивни мерки, незадоволството се повеќе расте.
Градските власти во главниот град на Кина се во трка со времето и се обидуваат да откријат што е можно повеќе случаи на коронавирусот и да ги изолираат луѓето кои биле во контакт со заразените.
Областа Чаојанг во Пекинг, со 3,5 милиони жители, е првата во која започна масовно тестирање. Во меѓувреме, цели станбени блокови се „заклучени” и станарите не можат да ги напуштат своите домови.
Затворени се и теретани, трговски центри, кина, базени и велнес центри, како и библиотеки, а на доставувачите на пошта и храна им е забранет влез во некои населби и станбени области.
Жителите се предупредуваат дека ќе одговараат законски доколку не ги почитуваат рестриктивните мерки и придонесат за ширење на епидемијата.
Во Пекинг вчера се регистрирани 49 случаи на инфекција, во споредба со 50 претходниот ден.
Во меѓувреме, во Шангај, кој веќе еден месец е во строг „локдаун”, се зголемува гневот и незадоволството. Секоја вечер жителите на оваа финансиска престолнина своето незадоволство го изразуваат со удирање по тави и тенџериња.
Поради строгите мерки за изолација, странците масовно го напуштаат овој најкосмополитски град во Кина.
МИА