Ако наставниците не се вратат на работа ризикуваат отказ според законот – став на Тренчевска – ММС
ММС

Објавено на: 04/29/22 8:18 AM

Ако наставниците не се вратат на работа ризикуваат отказ според законот – став на Тренчевска

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска синоќа во телевизиско гостување ги објаснуваше законските одредби, според кои се одредени законски постапки што ќе следуваат во процесот на посредување меѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура.

Законот на мирно решавање на работните спорови, според Тренчевска,  предвидува додека трае помирувањето, штрајкот се става во мирување. Тоа значи, наставниците треба да се на своите работни места.

-Доколку тоа не го сторат, тогаш ќе се смета дека се неоправдано отсутни и ќе се постапи согласно Законот за работни односи, тогаш ќе си сносат одговорност согласно Законот за работни односи – може да изгубат работа, да биде покрената дисциплинска постапка, објасни министерката Тренчевска.

Министерката појаснува дека Советот на СОНК постапил согласно закон кога се согласи на посредувањето и го стави штрајкот во мирување.

Мидијаторот кој ќе го води спорот меѓу МОН и СОНК е Драгица Исаиловска- Митровска.

Според министерката Тренчевска, се работи за правничка по професија, со долго искуство.

– Таа е непристрасна, го знае правото, Законот за работни односи и законите за образование и има компетенции да биде помирувач. Со нејзината улога верувам дека ќе стигнеме до решение. Ќе има претставници на МОН, на СОНК и заедно со медијаторот ќе учествуваат во преговорите, изјави Тренчевска.

СОНК вчера соопшти дека штрајкот го става во мирување, откако Министерството за образование и наука побара да почне процесот на помирување и преговори. Незадоволното членство излезе на протест пред седиштето на СОНК, извикувајќи: „Оставка“, „оставка“.