Се очекува одлуката на Владата за укинување на сите анти-ковид мерки – ММС
ММС

Објавено на: 04/29/22 8:00 AM

Се очекува одлуката на Владата за укинување на сите анти-ковид мерки

Се очекува деновиве најпрвин Главниот координативен кризен штаб, а потоа и Владата да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести за укинување на сите рестриктивни мерки за справување со КОВИД-19. Во земјава има вкупно 503 активни случаи, а бројката на дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата е 309.434.

Поради намалување на бројот на новозаразени од КОВИД-19, во средата Комисијата за заразни болести препорача укинување на сите рестриктивни мерки, освен задолжителното носење маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и домовите за стари лица.

Комисијата исто така испрати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.

Според надлежните, вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.

Од Комисијата за заразни болести потенцираат дека на дневна основа ја следат состојбата со КОВИД-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.

Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 124 случаи на КОВИД-19, од направени 1.798 тестови.

Од новите случаи, во Скопје се 67, Битола 24, Прилеп 8, Охрид 5, Берово 4, Тетово и Кичево по 3, Куманово 2, Кавадарци, Велес, Гостивар, Струмица, Кочани, Ресен, Делчево и Кратово по еден.

Вчера беа регистрирани 114 оздравени пациенти, а немаше пријавено починати лица.

Досега во земјата се направени вкупно 2.015.726 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 309.434, бројот на оздравени пациенти е 299.653, на починати е 9.278. Бројот на активни случаи изнесува 503.
МИА