Вработените во јавниот сектор работат под стрес, Владата ги малтретира – велат од КСС – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/22 2:01 PM

Вработените во јавниот сектор работат под стрес, Владата ги малтретира – велат од КСС

По слабиот одзив на вчерашниот протест, Конфедерацијата на слободни синдикати одлучи дека ги прекинува протестите. Од КСС денеска соопштија дека будно ќе го следат развојот на исполнување или неисполнување на законските обврски за работниците во јавниот сектор. Од Извшрниот одбор на Конфедерацијата обвинија дека вчера се случувал жесток притисок во јавниот сектор.

„Имајќи ги во предвид реперкусиите кои можат да се случат врз нив, всушност КСС има долгогодишно искуство со деградирање и давање откази на наши членови заради синдикални активности, донесовме одлука во дел од институциите да поднесеме кривични пријави против непознати лица, се со цел да го заштитиме идентитетот на членовите кои поради нивниот исказ би можеле да доживеат голем број непријатности на своите работни места. Се обраќаме до целата јавност и во иднина, доколку продолжат ваквите дејствија КСС во континуитет ќе продолжи да поднесува кривични пријави“, наведуваат од КСС во денешното соопштение.

Оттаму изразуваат жалење и зачуденост како може Владата, како што велат тие, да си поигрува со судбините на работниците.

-Оваа власт, веќе долги години се обидува да го замолчи и растури КСС преку разни репресивни методи и малтретирања на нашето членство, и при таков однос од власта кон нас не може да се преговара на рамноправна основа.  За крај можеме само да констатираме дека работниците во јавниот сектор се крајно потценети, работат под стрес, а избраните и именувани лица се виновни за тоа. Правдата секако мора да дојде на овој или оној начин, затоа ве предупредувме и ве повикуваме да престанете со притисоците врз нашите членови – велат од Конфедерацијата.

 

 

Фото: Facebook / Конфедерација на слободни синдикати на Македонија