Пет години по 27-ми април ништо не е исто, рече министерот Спасовски – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/22 12:02 PM

Пет години по 27-ми април ништо не е исто, рече министерот Спасовски

Денес со гордост можам да констатирам дека имаме целосно реформирана полициска структура. Воспоставени се многу реформи во делот на полициското работење. Идејата е македонската полиција да им служи на граѓаните, затоа што граѓаните преку даноци обезбедуваат плати за целата администрација, па и за македонската полиција. Покажавме во изминатиот период како заеднички знаеме, умееме, пред се’ секој полицаец колку пожртвувано знае да се бори за безбедноста. Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање во каква состојба е МВР пет години по настаните во Собранието на 27 април.

Тој посочи дека имаме посебна служба, што не е во составот на МВР, тоа е Агенцијата за национална безбедност, формирана е посебна Оперативно техничка агенција, со што е оневозможено или е сведена на најниско можно ниво можноста за какво било нелегално прислушување. Тоа значи, потенцира Спасовски, дека институциите не можат да ги злоупотребуваат овие системи

– Ако разговараме за настанот од 27 април, тоа е насилниот упад во Собранието, кога имаше намера да бидат убиени пратениците и да не се дозволи преземање на власта, нешто што не доликува на едно демократско општество. Ако споредиме тој момент и денеска ништо не е исто. Се е многу понапредно и државата и институциите, посебно институцијата со која раководам, а тоа е македонската полиција, изјави Спасовски.

„Во 2017 година разговараме за полиција, за служба што ги крши човековите права и слободи, а се сеќаваме, рече, на големата афера на прислушување кога повеќе од 22 илјади граѓани беа прислушувани и им беа кршени човековите слободи и права. Ако го земеме самиот настан на 27 април, кога не реагираше полицијата за да го заштити законодавниот дом, пратениците, новинарите и сите тие кои беа внатре, доволно говори дека интересите во тој момент не биле подредени на граѓаните и на државата, туку на нешто друго, дали е тоа политика, дали се одредени личности и така натаму“, истакна тој.