„Газпром експорт“ од четврток ја стопира испораката на гас за Бугарија, а бугарскиот министер за енергетика Александар Николов за утре закажа прес-конференција во врска со оваа мерка, јави дописникот на МИА од Софија.
Бугарското Министерство за енергетика соопшти дека до овој момент во земјата не се воведуваат ограничувања за користење на гас.
-Не постои закана за енергетската безбедност на Бугарија, изјави вечерва Лена Бориславова, шеф на кабинетот на бугарскиот премиер Кирил Петков.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Бориславова нагласи дека бугарската Влада е подготвена со месеци со план за дејствување во ваква ситуација.
-Обезбедени се алтернативни начини за испорака, нема причина за паника и за никакво стравување. Премиерот Кирил Петков и вицепремиерот Асен Василев се известени за ситуацијата, нема ризик за енергетската безбедност на Бугарија, истакна таа.
Бугарските медиуми јавуваат дека Министерството за енергетика, бугарскиот енергетски холдинг „Булгаргаз“ и „Булгартрансгаз“ презеле мерки за алтернативни набавки на гас и за справување со ситуацијата.
До овој момент Бугарија ги исполнила целосно своите обврски и ги извршила сите плаќања, согласно постоечкиот договор за доставување на гас од Русија. Договорот за доставување руски гас за Бугарија истекува во декември оваа година, нагласуваат медиумите во Софија.
Бугарија е втората држава од ЕУ, за која Русија го запре доставувањето на гас, откако претходно оваа мерка беше воведена кон Полска.