Естонските гранични служби открија 3,5 тони кокаин во пратка со банани од Еквадор, вредна околу половина милијарда евра, соопшти денеска естонското обвинителство.
Естонските служби во соработка со холандската полиција, финската гранична служба и Европол откриле товар од 72 пакувања бел прав во естонското пристаниште Муга. Анализата утврдила дека се работи за кокаин.
Шверцот бил откриен на 21 март на бродот Милан експрес кој од Ротердам тргнал на 5 март. Крајната дестинација за најголемиот дел од контејнерите била Русија, се вели во соопштението.
Се тврди дека станува збор за една од најголемите заплени на кокаин во балтичките земји и Северна Европа.
МИА