Скопски крадец на автомобили заработи кривични, возилата ги наоѓале во Грчец, Шишево, Тетово – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/22 1:53 PM

Скопски крадец на автомобили заработи кривични, возилата ги наоѓале во Грчец, Шишево, Тетово

Полициски службеници од ЕВР ОКР Ѓорче Петров на 20 април во 13.30 часот од слобода го лишиле Н.А.(31) од Скопје, а вчера против него е поднесена кривична пријава, поради постоење на основано сомнение за сторени три кривични дела за „одземање на моторно возило“ по чл. 242 и едно кривично дело „кражба“ по чл. 235 од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Имено, на 02.11.2020 во 18.10 часот, во скопски Сарај, Н.А. од Скопје, искористил погоден момент и бесправно одзел патничко возило „мерцедес“, сопственост на М.З.(52) од  Скопје. Подоцна, од страна на полициски службеници од Полициското одделение Сарај, одземеното возило било пронајдено на автопатот Тетово-Скопје, при што било констатирано дека од него се одземени уште неколку предмети.

Исто така, на 15.12.2021 во 16 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, Н.А. искористил невнимание на Б.Т.(57) од Гостивар и одзел патничко возило „хјундаи“, кое тој го управувал, а во сопственост на јавно претпријатие. Одземеното возило малку подоцна било пронајдено од страна на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција на локалниот пат с.Шишево – с.Грчец.  Притоа било констатирано дека од возилото Н.А. одзел повеќе лични предмети.

На 25.01.2022 во 18.10 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, Н.А. на ист начин одзел патничко возило на „фолксваген пасат“, сопственост на М.Т.(45) од Скопје, од кое исто така одзел повеќе лични предмети. Возилото било пронајдено од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција во место викано „Ниви“, атар во с.Грчец.

Н.А. бил приведен во просториите на Полициска станица Ѓорче Петров, со него е извршен службен разговор, по што е изведен пред Судија на претходна постапка, од кого му е изречена мерка притвор, информираат од МВР.