На затворска казна од седум години е осуден попладнево поранешниот премиер Никола Груевски, како првообвинет во предметот „Плацеви на Водно“. Неговиот братучед и поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков е осуден на една година и три месеци затвор. Бизнисменот Јордан Камчев пак, е осуден на казна затвор од една година.
Кривичниот суд на останатите двајца обвинети, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ им изрече алтернативна мерка условна осуда. Ним им е утврдена казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години не направат друго кривично дело.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски во овој предмет се товари за две кривични дела – „перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот“.
-За стореното кривично дело „противправно стекнување и прикривање имот“, обвинетиот Никола Груевски како споредна санкција се осудува на парична казна од 3500 евра односно 215,250 денари, на денот на објава на пресудата во рок од 15 дена по правосилност на пресудата. Доколку паричната казна не може присилно да биде извршена ќе се изврши така што ќе биде заменета со казна затвор. Ќе биде определен еден ден затвор за секој започнат износ од 20 евра или денарска противвредност од 1200 денари – соопшти судијата, Илија Трпков на денешното изрекување на пресудата.
Во казната на Мијалков пак, како што рече тој, се засметува и времето поминато во притвор од 22.12.2021 до 29.12.2021 година.
Времето поминато во притвор е засметано и во казната на Камчев.
Според обвинението, Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.
-Обвинетиот Никола Груевски одлучил да ги присвои финансиските донации кои биле наменети за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и тоа од донатори кои биле членови и симпатизери на истата и парите ги донирале верувајќи дека истите ќе бидат употребени за просперитет. Во критичниот период партијата ункционирала преку донации. Поради лабавата регулатива донациите се регулирале неформално, а само на дел од донаторите им биле издавани „каса-прими“. Никој немал точен увид за средствата кои влегувале во партијата – истакнаа денеска од Судот.
Судијата Трпков потсети дека меѓу сведоците во овој предмет беше и Мартин Протуѓер.
„За ова говореше и сведокот Мартин Протуѓер кој бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ кој појасни дека увид во процесот на финансирање имал и претседателот на партијата. Потврди дека во седиштето на партијата имало сеф со документација, но и финансиски средства. Како се одвивала испораката на парите од општинските и месните комитети до седиштето на партијата сведочеше и Влатко Чинговски кој во својство на курир испорачувал пакети со документи меѓу кои и финансиски средства. Дека се манипулирало со донациите посведочи и сведокот Мирослав Стојановски кој се наоѓал на листата на почесни донатори на партијата 100 илјади евра“, посочи судијата.
„Сведокот Драган Огњановски посведочи дека за партијата донирал износ од 300.000 денари, по барање на тогашниот градоначалник на Гази Баба, Коце Трајановски кој му ветил дека ако дојдат на власт ќе му помогне колку што може“, додаде Трпков.
Тој рече дека судот не можел да не земе предвид околноста дека ниту еден од обвинетите за себе не стекнал имотна корист туку тоа го направил во корист на обвинетиот Никола Груевски, кој критичниот период вршел висока државна функција аплашејќи се од неговата одмаздољубивост како што истакна еден од обвинетите.
На денешното изрекување на пресудата беше истакнато дека никој нема да биде поштеден од лицето на правдата и дека ќе биде конфискуван целиот имот кој е нелегално стекнат од страна на осудените во овој случај.
Според обвинението, Мијалков стапил во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Вања Мицевска
Фото: Вангел Тануровски