Пријавата за упис на основање на Здружение Културен Центар Иван Михајлов Битола, до Централен регистар е доставена од страна на лицето Љупчо Ѓоргиевски на 13 март 2019 година, заедно со прилог докази согласно член 42 од Законот за здруженија и фондации, вклучително и Изјава заверена на нотар за немање законски наследници до трет наследен ред за лицето Иван Михајлов и Известување од Министерство за правда од 05 март 2019 година, дека не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности, информираат од Централниот регистар.
По комплетирање на целокупната документација, од страна на Централен регистар на ден 15 март 2019 година е донесено Решение за упис на основање на Здружението Културен Центар Иван Михајлов Битола.
-Централниот регистар сметал дека во запишаните цели и програма на делување нема елементи кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, не се преземаaт активности поврзани со тероризам, активности кои се спротивни на Уставот или закон, ниту се повредуваат слободите и правата на други лица, за што е одлучено на начин што е донесено Решение за упис, се вели во соопштението од Централниот регистар.
Централниот регистар потенцира дека од денот на основањето на здружението 15.03.2019 година, до ден денес не е поднесена жалба против решението за упис на основање.
Во соопштението од Централнот регистар, ваквата одлука се објаснува со:
„Што треба да е содржано во името на организацијата е регулирано со член 8 и 9 од Законот за здруженија и фондации. Во ставот 4 од член 8 е утврдено дека за прашања кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво. Поимот и името на фирмата во Законот за трговските друштва е регулиран со повеќе одредби и тоа од член 44 до 59.
Согласно член 49 од Законот за трговските друштва – Во фирмата може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста, или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.
Во врска со наведените законски одредби Централниот регистар известува дека кон пријавата за упис на основање била доставена Изјава заверена кај нотар од застапникот по закон на здружението – лицето Љупчо Ѓоргиевски со која под морална, материјална и кривична одговорност тврди дека лицето Иван Михајлов нема законски наследници до трет ред во права линија. Согласно истите одредби во врска со кои доколку нема наследници, согласност дава Министерството за правда.
Во отсуство на издадено Решение за Согласност од страна на Министерството за правда кон Пријавата за упис е доставено Известување од Министерство за правда со бр. 11-423/2019, од 05.03.2019 година, со кое се известува подносителот дека Министерството за правда не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име.
Централниот регистар го зема во предвид известувањето од Министерството за правда за немање регистар за историски личности но, исто така, не е предвидено дека друг државен орган води регистар на историски личности. Или, со други зборови, не постои надлежен државен орган кој може да издаде одобрение за употреба на име на личност.
Впрочем, од досегашната пракса, ваков тип на Известување од Министерството за правда се издава постојано при упис на правни субјекти кои во својот назив содржат податоци за лично име. Оттука, во Регистарот на Здруженија и Фондации постојат многу субјекти кои содржат име на личност.
Имено, Централниот регистар не може да го спречи загарантираното уставно право на граѓаните за слобода на здружување заради остварување на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања како темелна вредност определено во член 20 и член 48 од Уставот на РСМ.
Централниот регистар сметал дека во запишаните цели и програма на делување нема елементи кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, не се преземаaт активности поврзани со тероризам, активности кои се спротивни на Уставот или закон, ниту се повредуваат слободите и правата на други лица, за што е одлучено на начин што е донесено Решение за упис.
Централниот регистар потенцира дека од денот на основањето на здружението 15.03.2019 година, до ден денес не е поднесена жалба против решението за упис на основање. Согласно член 66 од Законот за здруженија и фондации секој може да поднесе пријава за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.
Согласно член 110 од Уставот на РСМ, Уставниот суд, покрај другото, одлучува и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженијата на граѓаните.
Понатаму, во надлежност на Уставниот суд е и укинување и поништување на Статут и Програма на здружение, доколку утврди дека истите не се во согласност со Устав или закон.
Централен регистар нема сознание за покрената иницијатива пред Уставен суд за оценка на уставноста на основачките акти на Здружението.”
На крајот, Централен регистар на Република Северна Македонија ја поздравува иницијативата за измена на Законот за здруженија и фондации кој е донесен во 2010 година и истиот е потребно да се измени и дополни за надминување на сите правни бариери и недоречености.