Собранието од утре се враќа во нормала. Собраниската прес служба попладнево соопшти дека од утре, 19.04.2022 година, се враќа во функција Прес центарот во Собранието, така што новинарите ќе можат да ги следат седниците на собраниските тела во салите каде што и се одржуваат.
Покрај тоа, се враќа во редовна работа и бифето до Прес центарот. За ова, собранискиот спикер Талат Џафери информирал на денешната, редовна координација во Собранието додавајќи дека по најновата донесена одлука на Владата за влегување во сила на новите здравствени протоколи за заштита од ковид-19, и во законодавниот дом се укинува мерката за задолжително носење маски во затворен простор. Сепак, мерката за мерење на телесна температура при влез во Собранието останува во важност.
-Како прва активност, претседателот на Собранието, Џафери извести за одржувањето на новата 69. седница на Собранието на Република Северна Македонија на 19.04.2022 година (вторник), со почеток во 11.00 часот. Наредна активност ќе биде пленарната седница на која ќе се поставуваат пратенички прашања, на 28.04.2022 година (четврток) – се додава во соопштението од собраниската прес служба.