Звонко Спасовски од Кавадарци како дете израснато во сиромашно семејство немал проблеми со недостатокот на играчки, затоа што имал фантазија и трпение, доволни за сам да ги изработува играчките од материјали кои се достапни секому.
Трпението кое го стекнал уште како мал е главен елемент и во неговата примарна работа како фризер со која егзистира.
А, кога ќе пристигне дома и ќе ги замени фризерските ножички со вжештениот метален пирогаф, проработува и имагинацијата и исушените лејки (растенија од родот на тиквите кои се среќаваат и под имињата црпка, гунга) ги претвора во прекрасни украсни ламби што даваат топлина и зрачат со необична енергија.
– Ноќе кога тишината царува јас им давам душа на лејките. Разговарам со нив и тие ми се предизвик уште кога бев дете – истакна Звонко за ММС.
Спасовски вели дека во македонската етнологија лејката е важен елемент. Ја содржи македонската сончевина собирана шест месеци додека расте и се суши за потоа да се користи во секојдневниот живот како сад за црпење (црпка) или како сад за вода кај овчарите и земјоделците. Има убава форма и го разубавува просторот , зрачи со топлина и смиреност во просторот. Лејката не се користи во исхраната, но има примена во фармацијата.
– Од лејките изработувам најчесто ламби, изработувам икони, кутии за накит, кошници… Одвеме навреме изработувам и серии на накит: обетки, ланчиња, привезоци… Инспирацијата за шарите и орнаментите ја црпам од моите мисли и чувства, од древното и македонското. Јас се чувствувам како Македонец ,припадник на животинскиот свет на планетата Земја, се гледам себеси како жител на Сончевиот систем , Млечниот пат , Вселената. Се трудам да ги разберам правилата на постоењето од сите овие перспективи и работам на тоа да бидам добар Македонец, Земјанин,Сончевец, Млечен Патник и Вселенец. Сите овие чувства и припадности ги преточувам на лејките, а потоа ламбите ја содржат таа енегија. Сето ова е решено со “божествената пропорција и бројот Фи=1,618” (Моцарт и Страдивариус го користеле во своите дела). Златната пропорција е видлива во Вселената , кај животинскиот и растителниот свет и во клетките во микросветот – раскажа Спасовски.
Секоја лејка е посебна приказна, но подготовката за сите е иста. Претходно мора материјалот да се спреми, да се извади кората. да се стигне до мазната површина и да се исчисти внатрешната површина . Кога Звонко ќе ја разгледа формата и ќе одлучи што би можело да се нацрта, ја исцртува со молив, па следува горењето.
– Тоа го правам со пирограф , се добиваат боите ,нијанси на кафена до црна. Следува резба, длабење и на крајот дупчење. Една ламба ја изработувам во фази , најмалку 30 дена ми требаат за да ја прогласам за завршена . Потребна е голема концентрација , простор за грешки скоро да нема во секоја од фазите на изработка. Се работи со жежок предмет, на сферна површина, со виска концентрација – го објасни процесот Спасовски.
Досега Звонко изработил декорации на околу 300 лејки кои се еднакви на површина од 90 м2 обработена со пирограф.
– Некои од купувачите веднаш ја препознаваат “магијата” која ја имаат ламбите , и преку ден и во ноќната верзија. Некои подоцна знаат да ми се јават да ми кажат дека ламбата е повеќе од ламба и е магична, го облагодарува просторот. Тоа е затоа што материјалот е плод на природата , правена е рачно а не индустриско производство – рече фризерот од Кавадарци.
Украсните накити на вештиот кавадарчанец изработени со оваа техника ги носеле познати личности од земјава и регионов, а меѓу нив била и познатата рок дива Слаѓана Милошевиќ која носи обетки и ташничка со неговите декорации.
Звонко своевремено стигнал при крајот на студиите по електроника и телекомуникации, но почнал да работи како фризер. Потоа, пред околу 17 години, почнал и да ги дизајнира лејките. Самоукиот, 39-годишен уметник во 2004 година се појавил на базар на ракотворби во Скопје и добил признание за најдобар производ. Оттогаш ги комбинира професијата и хобито.
– Од професијата фризер егзистирам , од хобито се полнам и се празнам. Издувен вентил во овие бурни и луди времиња! – истакна Спасовски.
Магијата на лејките освојува на прв поглед, а во овие празнични велигденски денови, лејките и ламбите кои ги изработил скромниот Звонко, можат да му дадат празничен шмек и духовен мир по кој сите трагаме.
Орце Костов
Фото: Приватна Архива