Пари за пиење имаат, а кога ќе се направат мортус трезнењето им е скапо – На Токсикологија завршувале и со над пет промили – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/22 9:00 AM

Пари за пиење имаат, а кога ќе се направат мортус трезнењето им е скапо – На Токсикологија завршувале и со над пет промили

Свесноста за штетното влијание на алкохолот врз способноста за управување со возилото ја знаат сите возачи, но дури 85% од нив, според податоците на Републичкиот совет за безбедност во собраќајот на патиштата, барем еднаш возеле пијани.


Последниот случај во кој сообраќајната полиција од СВР Скопје запрела возач и му измерила 3,87 промили алкохол во крвта е едно од највисоките измерени количества, но не и највисокото иако токсиколошки е еднакво на тешко пијанство.

Доцент д-р Андон Чибишев од Клиниката за Токсикологија за ММС откри дека имало и возачи со над пет промили алкохол во крвта што претставува смртна доза, но успеале да преживеат благодарение на „тренингот“ со алкохол на кој се навикнал претходно организмот.

– Ако возачот има концентрацијата на алкохол до 1,3 промили се работи за релативна неспособност, а ако е над 1,3 промили се работи за апсолутна неспособност. За возачи аматери кај нас со закон е дозволено до 0,5 промили, но има научни студии кои тврдат дека кај лицата кои се поосетливи на алкохолот, оваа количина е доволна да се намали психофизичката способност – тврди д-р Чибишев кој во моментов е единствен судски вештак од Клиниката за Токсикологија.

Додека бил пратеник во периодот од 2014 до 2016 година, д-р Чибишев иницирал промена во законот да се намали количината на алкохол на 0%, но наишол на голем отпор дури и во делот на зголемување на санкциите за возење во пијана состојба. Доктор Чибишев објасни што значи консумирањето на алкохол кој е вистински отров кој најмногу делува на нервниот систем.

Доцент д-р Андон Чибишев од Клиниката за Токсикологија

– Алкохолот се апсорбира уште додека се внесува во устата. Црниот дроб на почеток го разградува, но како што се зголемува количеството алкохол така црниот дроб не може да го разгради. Неразградениот алкохол стигнува до крвта, а потоа и до мозочните центри. Алкохолот прво делува на расположението и го опушта организмот, но потоа ги блокира рефлексите и влијае на видот и на слухот, а може да предизвика и депресија на дишењето – вели тој за ММС.

Статистиката од САД вели дека најчеста причина за смртта кај тинејџерите и малолетниците се консумирање алкохол или наркотични супстанции. Според Чибишев сообраќајката е таканаречена психичка секунда, односно ако се реагира соодветно ќе се избегне несреќата, ако не се реагира, може да заврши со фатални последници и затоа препораката е да не се пие воопшто додека се вози.

– Тие што возат пијани ги викаме „убијци на четири тркала“. Најчесто се работи за луѓе кои имале висока концентрација на алкохол затоа што пиеле големи количини за кратко време. Ако пиеш со храна, таа ја успорува абсорпцијата на алкохолот и му дава време на црниот дроб да го разгради. Ако пиеш на голо без мезе што викаме ние, тогаш голема количина на алкохол влегува во крвта неразградена. Ние и при вештачење на тешка сообраќајна несреќа бараме информации дали возачот кој возел под дејство, консумирал алкохол со храна или без храна – истакна Чибишев кој ги вештачи најтешките случаи на патиштата.

Нема специфицичен период од годината кога се случуваат сообраќајни несреќи предизвикани од возење во алкохолизирана состојба. Во последните три месеци докторот откри дека не бил викнат на вештачење, но тоа не значи дека не се случуваат сообраќајни несреќи.

Чибишев истакна Фондот за здравство не ги покрива алкохолните труења и пациентите мора сами да си плаќаат за услугите, но тешко се решаваат да дојдат на Клиниката за токсикологија.

– Ние сме кафеана која работи 24 часа бесплатно. Но, оние кои имаат алкохолно труење мора да си платат затоа што Фондот не ги покрива услугите. Оние пациенти кои имаат вакво труење не доаѓаат затоа што им е скапо иако претходно цела вечер седеле и консумирале алкохол – додаде д-р Чибишев.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели дека возачот не смее да управува со возило во сообраќај на пат, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол, се смета лице, за кое ќе се утврди дека количината на алкохол во крвта, изнесува повеќе од 0.50 г/кг. Толеранцијата на алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0-„нула“.

„При контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата, измерените 3.87 промили алкохол во крвта, е едно од највисоките измерени количества на алкохол во крвта, а во однос на тоа колку изнесува највиското мерено присуство на алкохол во крвта за време на управување на возило, МВР не води статистика.

Управувањето на возило со присуство на алкохол во организмот со повеќе од 0,50 промили, создава нестабилно управување со возило, намалување на моторичките способности кај возачот, со што се доведува во опасност неговата, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот“, изјавија за ММС од Министерството за внатрешни работи кое деновиве врши засилени контроли за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол.

Орце Костов

Фото: Фејсбук