Авиобомба имало во дронот што падна во Загреб – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/22 9:00 PM

Авиобомба имало во дронот што падна во Загреб

Конечните резултати од истрагата за падот на беспилотното летало во Загреб на 10 март покажуваат дека дронот бил вооружен со авионска бомба „ОФАБ 100-120″.

Од Жупаниското јавно обвинителство на денешната прес-конференција е соопштено дека на местото на падот на дронот биле пронајдени 47 фрагменти на метални делови или шрапнели.

„Сите фрагменти се настанати како последица на експлозија. Пронајдена е и запалка со ознаки на кирилично писмо, станува збор за универзална запалка за авиобомби. Утврдено е дека запалката била ставена во предниот дел на авиобомбата. Станува збор за шрапнели на авиобомба”, изјави мајор Миле Томиќ.

Врз основа на испитувањето на металните фрагменти, недвосмислено е утврдено дека се работи за авиобомба „ОФАБ 100-120″ со запалка „AVU-ET 350F” која го иницирала експлозивното полнење во бомбата, што резултирало со експлозија во фрагментација.

Главниот вештак за пожари и експлозии, Ивана Бачиќ, зборуваше за траги од експлозив, нафтени деривати и боја на трупот на беспилотното летало.

„На местото на падот е формиран кратер со дијаметар од пет и пол метри и длабочина од околу еден и пол метар. Од кратерот се извадени 45 метални фрагменти на кои се забележува промена во бојата на металот во сина на рабовите. Два такви фрагменти се пронајдени и надвор од кратерот. Штетите врз околните згради и автомобили се воглавно предизвикани од расфрлени камења и гранки”, рече таа.

Бачиќ додаде дека на местото на настанот се чувствувал интензивен мирис на амонијак.

„Што се однесува до амонијакот, потврдено е дека се работи за трагови. На десното крило на авионот, најзастапена боја била црвената, со исцртана петокрака во црвено-бела боја. Станува збор за оригинална боја, а пронајдени се траги од пребојусување”, ја пренесува изјавата на Бачиќ загрепската телевизија „Ен1″.

МИА