Секретарката во канцеларијата на Оскар Шиндлер, која на машина за пишување го состави списокот Евреи спасени од речиси сигурна смрт во нацистичка Германија, почина во Израел, на 108-годишна возраст.
Мими Рајнхард почина во петокот, а беше погребана во неделата, во Херцлија, близу Тел Авив, потврди нејзиниот син Саша Вајтман. Таа е една од 1.200 Евреи спасени од германскиот бизнисменот Шиндлер, откако тој ги поткупил нацистичките власти за да ги задржи како работници во неговите фабрики.
Режисерот Стивен Спилберг врз основа на раскажувањата го сними и оскаровскиот филм „Шиндлеровата листа” од 1993 година.
Рајнхард е родена како Кармен Копел во Виена, Австрија, на 15 јануари 1915 година, а пред почетокот на Втората светска војна се преселила во Краков, Полска. По инвазијата на нацистичка Германија над Полска во 1939 година, таа била затворена во гетото „Краков” пред да биде испратена во концентрациониот логор „Плашов” во 1942 година.
Благодарение на познавањето стенографија, таа добивала задачи во административната канцеларија на логорот, каде што две години подоцна го препишала рачно напишаниот список Евреи кои ќе треба да бидат префрлени во фабриката за оружје на Шиндлер.
– Не знаев дека тоа е толку важна работа – тој список. Прво, ги добив имињата на оние кои веќе беа со Шиндлер во Краков, во неговата фабрика. Требаше да ги ставам на списокот, сведочеше Рајнхард за Меморијалниот центар на холокаустот „Јад Вашем” во Ерусалим во 2008 година.
Притоа таа објасни дека така го додала своето и имињата на двајца нејзини пријатели на списокот.
Во работниот логор Брунлиц, каде што се наоѓала фабриката на Шиндлер, таа била ангажирана во неговата канцеларија – сѐ до крајот на војната, но немала многу чест личен контакт со Германецот-спасител.
– Тој беше многу шармантен, доста отворен. Не се однесуваше со нас како со ѓубриња, изјавуваше таа десетлетија по војната.
Кога војната завршила, отпатувала во САД, а во 2007 година се преселила во Израел. Рајнхард тогаш имала 92 години. Нејзиниот син Вајтман изјави дека по пристигнувањето во Израел станала своевидна славна личност поради филмот, што, меѓу другото, според него, придонело таа да живее уште 15 години.
МИА
фото: https://www.salom.com.tr/haber