Онлајн трансакциите во 2021 година изнесувале 437 милиони евра со годишен раст од 59 отсто – ММС
ММС

Објавено на: 04/11/22 2:22 PM

Онлајн трансакциите во 2021 година изнесувале 437 милиони евра со годишен раст од 59 отсто

Од започнувањето на пандeмијата, е-трговијата на глобално ниво забележа значително забрзан раст. Исклучок од ова не беше ниту Северна Македонија каде забележителен е значителен раст во бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции и тоа најмногу во трансакциите реализирани со домашни картички кон домашни е-трговци.

Согласно последните објавени податоци за платежна статистика од Народната Банка на Република Северна Македонија, кон домашните е-трговци се слеале 335,3 милиони евра во 2021 година што претставува раст од 47,9% споредено со 2020 година. Од нив 5% се реализирани со странски картички, додека 95% со домашни платежни картички.

Што се однесува до вредноста на е-трансакциите направени со домашни картички кон странски е-трговци, по падот од 52,4% во 2020 година споредено со 2019 година, годинава се забележува раст од 113% или во апсолутен износ реализирани се 101,8 милиони евра во 2021, наспроти 47,8 милиони евра во 2020 година.

Вкупната вредност на онлајн трансакциите остварени во 2021 година изнесува 437,1 милиони евра, од која со домашни платежни картички се потрошиле 420,7 милиони евра (кон домашни и странски e- трговци), додека до странски платежни картички се потрошиле 16,4 милиони евра (само кон домашни е-трговци).

Домашната понуда во е-трговијата продолжува да расте и понатаму, односно бројот на новоотворени онлајн продавници бележи раст од 22,5% во 2021 година. Во текот на 2021 година се отвориле 312 нови вируелни (интернет) продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места на крајот на 2021 година изнесува 1696.

О.К.