Мухамед Зекири да биде спроведен со полиција, Кривичниот суд издаде наредба – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/22 3:44 PM

Мухамед Зекири да биде спроведен со полиција, Кривичниот суд издаде наредба

Судија на претходна постапка, од Кривичниот суд – Скопје, издаде наредба до надлежната полициска станица за спровод на Мухамет Зекири, кој денеска објави дека дава неотповиклива оставка од позицијата генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.

– По добивање на предлогот, во Законски предвидениот рок судија на претходна постапка, согласно одредбите од ЗКП издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот и тоа на единствената адреса посочена во предлогот.  Откако, осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, велат од Кривичен суд – Скопје.

Основното јавно за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против Мухамет Зекири заради постоење основано сомнение за сотрено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување.

Досега во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема пристигнато никаква пријава од кого било, ниту анонимна, ниту од познат пријавител, во врска со генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, така што за сите нас ова беше новина, изјави денеска претседателката на Антикорупција Билјана Ивановска.

Мухамед Зекири денеска на својот фејсбук профил објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата генералниот секретар на Владата, која премиерот Димитар Ковачевски ја прифати.

– Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски очекува целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството.

– Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на пресумцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави Ковачевски.

Оставката на Зекири уследи откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување”.

Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обвинителството го добило во втората половина на 2021 година.

МИА