Ракометарот Денис Тот во болница е однесен во бесознаение, потврдуваат од МВР за претепувањето на хрватскиот ракометен интернационалец од клубот Бутел, кој се бори за живот во една од скопските болници.
-На 07.04 во 04 .11 часот е пријавено од Клинички центар дека кај нив во бесознание е донесено лицето. Преземаме мерки и активности за расчистување на случајот, велат официјално од МВР за ММС.
Дека Тот е во критична состојба потврдија и од клубот, но не кажуваат повеќе детали.
Балканските медиуми претепувањето на хрватскиот интернационалец го нарекуваат „скандал“ и, како што пишуваат хрватските медиуми ракометарот бил претепан во еден скопски нокен клуб, а дека камерите биле исклучени. Но, МВР официјално ова се уште го нема потврдено.
Тот имал бројни повреди по целото тело, многу фрактури и најверојатно е удиран со тапи предмети, но и со раце и нозе.
За повредите на Денис, потврда стигна и од неговиот брат Борис Тот кој игра во Холандија.
Се очекува во текот на денешниот ден, МВР да даде поконкретни и официјални информации за инцидентот.